Одбележан големиот празник Рамазан Бајрам
По повод празникот Рамазан Бајрам, градоначалникот Аце Коцевски приреди прием за претставниците на Муфтиството на Исламската верска заедница, членови на Советот на Општина Велес, претставници на здруженија на граѓани и политички партии. „Овој празник во духот на помирувањето, рамноправноста, еднаквоста и соработката е порака со голема цивилизациска вредност“, рече градоначалникот Коцевски честитајќи им го Рамазан Бајрам на присутните и на сите граѓани со Исламска вероисповед.
„Организацијата на овој прием претставува голема чест за нас и за сите граѓани на Велес. Ова потврдува дека живееме во град на сопживот и соработка помеѓу граѓаните од сите заедници“ рече Муфтијата Ефенди Нијаз. На приемот присуствуваше и новоименуваниот Оџа Несим Демири. Во духот на празникот најсилната порака на традиционалниот прием беше „Да нема ниту еден човек што е гладен, да нема ниту едно дете без образование“. Присутните на приемот изразија оценија дека заедничкото чествување на големите празници од страна на граѓаните од различни заедници придонесува за развојот на локалната демократија.
(01.10.2008)