Незаконити решенија на советот на општината

ImageГрадоначалникот Аце Коцевски на прес конференција презентираше докази за незаконитоста на решенијата на советот на општината за разрешување и именување на членови на училишните одбори. „Во повеќе наврати на членовите на Советот на Општината им укажав дека постапката за разрешување и именување на членови на училишните одбори е незаконита. Наспроти сите мои укажувања и укажувањата на стручните службеници во општинската администрација, на 73-та седница одржана на 6-ти октомври годинава, советот ја повтори постапката и ги донесе решенијата.

Врз основа на нашето писмено барање до  Министерството за образование и наука од 5-ти септември годинава, на 9-ти октомври добивме допис кој потврдува дека дека решенијата на советот се незаконити“, рече Коцевски. Во дописот од Министерот за образование стои дека мандатот на членовите на училишните одбори трае до истекот на мандатот за кој се избрани (четири години). Доколку постапката за избор на членови на училишните одбори во основните училишта е започната по влегување на сила на Законот за основното образование, мандатот им трае три години.

„Бидејќи законот стапи на сила на 27 август годинава, а до овој датум во Општина Велес не истекол мандатот на ниту еден член на училишен одбор, толкувањето од министерството само ја потврди причината поради која во моментов работиме на Иницијатива за покренување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актите донесени од Советот на Општината“, изјави Коцевски. Тој нагласи дека сите овие докази ја потврдуваат неоснованоста на обвинувањата за неажурност на општинската администрација.
 
(10.10.2008)