Поставен камен темелникот на населбата Хабитат

ImageВо присуство на директорите од Бордот на меѓународната организација „Habitat for humanity international“, на локацијата во населбата Тунел, на 22 октомври годинава, беше поставен камен темелникот на населбата Хабитат во Велес. На свеченоста, од името на Habitat for humanity international присутните ги поздравија Тони Лениган од Бордот на Директори, Зоран Костов национален директор за Македонија и  Татјана Лазаревска претседател на Управниот одбор на Хабитат во Македонија.
 
Лениган изрази особено задоволство што Habitat for humanity international го реализира овој значаен проект во Велес. Од името на граѓаните на Велес присутните членови на Бордот на директори ги поздрави градоначалникот Аце Коцевски кој упати благодарност за нивната благородна и хумана мисија во сите земји во светот. „Ова е многу значаен ден за граѓаните на Велес затоа што нивните очекувања од проектот се големи“, рече Коцевски. Со церемонијата на осветување на камен темелникот чиноначалствуваше неговото високо преосвештенство господин Агатангел, Митрополит на Повардарската Епархија.

Според најавите, изградбата на населбата Хабитат ќе трае околу три години. Ќе бидат изградени вкупно 90 стамбени единици наменети за граѓаните кои живеат во субстандардни услови. Основни критериуми за конкурирање е граѓаните да се во можност месечно да издвојуваат средства за отплата на становите кои ќе се доделуваат по многу поволни услови со период на отплаќање од 20 години. Месечната сума што треба да ја издвојуваат за исплаќање на кредитот е околу 100 евра. Граѓаните кои ќе имаат можност да добијат кров над главата, со волонтерска работа ќе треба активно да учествуваат во изградбата.  Се очекува наскоро да се распише конкурсот за аплицирање. Проектот е особено атрактивен и поради архитектурата на објектите заснована на традиционалната архитектура на градската куќа. Според првичните проценки, инвестицијата е вредна 2,7 милиони долари.
 
ImageImage
 
ImageImage
 
ImageImage 
 
(22.10.2008)