Наградите се поттик за нови успеси
Градоначалникот Аце Коцевски на прес конференцијата одржана на 3-ти ноември годинава изрази задоволство од трите награди што Општина Велес ги доби од Советот на Европа, ЗЕЛС, УСАИД и Министерството за локална самоуправа во рамките на програмата „Најдобра општинска практика 2008“. Од вкупно 43 пријавени практики од 18 општини, Општина Велес аплицираше со 19. Од нив три влегоа помеѓу најдобрите 12, а една помеѓу првите шест најуспешни општински практики во Република Македонија. Наградите му беа доделени на градоначалникот Аце Коцевски, на свеченоста што на 31 октомври годинава се одржа во хотелот Александар Палас во Скопје.
Наградите ги доделија Амбасадорот Ерван Фуере, Специјален претставник на ЕУ и Шеф на Делегација на Европската Комисија во Македонија и Џовани ди Стаси, шеф на Центарот за експертиза за реформа на локалната самоуправа на Советот на Европа. За најдобра практика од Општина Велес се прогласени делегираните надлежности во категоријата учество на јавноста. Награди добија и електронското одвивање на седниците на советот и истурените канцеларии со бесплатна интернет точка кои влегоа меѓу првите 12.
„Овие награди ги доживуваме како потврда за напредокот на Општина Велес, во процесот на децентрализација и како поттик за постигнување на уште поголеми успеси“, рече Коцевски на прес конференцијата.
(03.11.2008)