Поттик за економски развој
Зоната опфаќа 33 парцели со просек на површина од 1000м². Досега се купени 12 парцели ( 5 од Здружение на возачи, 4 од ДПТ „Павора ДООЕЛ-Велес и 3 од фирма од Скопје), а Здружението на возачи веќе изгради нов објект. Во рамките на проектот изградена е патна инфраструктура врз основа на сообраќајно решение кое ги поврзува сите парцели помеѓу себе и со споменатиот пат, хидротехничка инфраструктура и основно решение за електрична мрежа. Покрај 150.000 евра од наградата од Европската Унија, ЕУ инвестираше дополнителни 47.000 евра во реализацијата на проектот. Општината обезбеди и средства од буџетот за изградба на инфраструктурата со што вкупната инвестиција изнесува 222.000 евра. „Ова е пример на локален економски развој што укажува какви активности треба да се преземат во иднина. Потребата од интензивирање на економскиот развој е посочена и во последниот извештај на Европската Комисија“, рече Амбасадорот Фуере во изјава за медиумите.
Градоначалникот Аце Коцевски упати јавна благодарност до Европската Унија, Европската Агенција за рекунструкција, изведувачите и сите поединци вклучени во проектот. „Со изградбата на оваа зона сакаме да помогнеме во решавањето на најгорливиот проблем во велес-невработеноста. Очекуваме во скоро време Министерството за транспорт и врски да распише конкурс за јавно надавање и за останатите парцели" рече Коцевски. Според претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азевски отварањето на индустриската зона „ Речани 2" го потврдува административниот капацитет на Општина Велес како и претприемачката зрелост на стопанствениците и граѓаните со сопствена иницијатива да преземат чекор за јакнење на стопанската состојба на Општината. На свеченото предавање во употреба на индустриската зона „Речани 2“ присуствуваа претставници од Советот на општината, бизнис заедницата во Велес, институции и здруженија на граѓани.
(09.11.2008)