Велес доби нови атрактивни објекти
Во рамките на одбележувањето на 9-ти Ноември, Општина Велес ја промовираше новата библиотека реконструирана и уредена со средства од продажбата на објектот на старата локација и со средства од буџетот. Во споредба со поранешните само 118м² со кои располагаше локалната библиотека „Гоце Делчев“, во новиот објект располага со над 800 м². Покрај детското и одделението за возрасни, библиотеката доби и современа читална, детско катче и медиотека со бесплатен пристап до интернет и роднокрајна литература. Објектот е оплеменет со дела на велешките уметници.
По повод најголемиот празник велешани добија мултинаменска сала која со право го понесе името на поетската збирка на Кочо Рацин „Бели мугри“. Отворањето на овој атрактивен објект опремен со најсовремена дигитална опрема за сценска изведба беше поздравен од присутните гости и граѓани како значаен чекор напред во развојот на Велес. Отворањето на салата „Бели мугри“ значи решавање на проблемот со недостиг на соодветен објект за организација на културни настани во Велес.
Свеченоста беше збогатена со уште еден исклучителен настан. Откривање на споменик на Кочо Рацин, подарок од академик Томе Серафимовски. Споменикот е поставен во фоајето на салата „Бели Мугри“ и претставува уметнички омаж на великанот Рацин. Како што најави големиот пријател на Велес, ова нема да биде негов последен подарок за велешани. „Поради исклучителното значење на Рационовиот град во македонската историја и култура велешани можат да очекуваат нови уметнички подароци во чест на великаните“, потенцираше академик Серафимовски.
(09.11.2008)