Меѓународен стрип салон „ВЕЛЕС 2008“
ТАЈФА АРТ - ОВОГОДИНЕШНИ ЛАУРЕАТИ
Младите и веќе афирмирани: Давор Драмиќанин, Игор Јовчевски и Здравко Гиров коишто се одзиваат и на заедничкото име “ТАЈФА АРТ” се овогодинешни добитници на Признанието за развој и афирмација на стрипот во Македонија. Ова признание ќе им се додели за време на 6-тиот по ред МЕЃУНАРОДЕН САЛОН НА СТРИП „ВЕЛЕС 2008“, организиран од страна на Стрип центар на Македонија.
Со тек на времето оваа најстара и најреномирана стрип манифестација во нашата земја, и покрај хроничната беспарица, го стекна заслужениот публицитет со се поголема масовност и публика. Отварањето на истата ќе биде на 14 ноември во 19 часот во Ликовниот салон во Велес
Освен презентирање на досегашната работа на „ТАЈФА АРТ” организаторот предвиде и претставување на светски познатиот стрип автор Игор Кордеј од Хрватска, потоа доделување на награди и изложба на делата од овогодинешниот Меѓународен конкурс за стрип каде оваа година учество земаа преку 120 автори од 26 земји од сите континенти. Свое место на салонот ќе најдат и македонските стрип изданија: АЛАН ФОРД, СТРИП КРЕАТОР, првиот македонски специјализиран стрип сајт и други содржини.
(12.11.2008)