41-ви Детски Рацинови средби
Деца од 40 основни училишта од 19 градови од Македонија како и од Ниш, Република Србија учествуваат на 41-то издание на манифестацијата „Детски Рацинови средби“ во Велес. Детските Рацинови средби ги отвори градоначалникот на Општина Велес Аце Коцевски кој на централната свеченост на манифестацијата ја врачи Гран при наградата за најуспешна творба на литературниот конкурс.
На литературниот конкурс пристигнаа над 300 детски творби, а Гран при наградата оваа година отпатува во Струмица. Специјалната награда за збогатување на училишниот библиотечен фонд, Општина Велес годинава му ја додели на ООУ „Благој Кирков“. Централната свеченост ја разубави настапот на хорот при ООУ „Васил Главинов“ и настапот на ученици од ОМУ „ Киро Димов“. Учесниците на средбите ги посетија Народниот музеј и спомен куќата на Рацин.
Манифестацијата беше збогатена со ликовно вајарска работилница, а најуспешните дела на младите уметници беа наградени со пригодни награди.Жири комисијата имаше тешка задача, затоа покрај редовните награди додели и четврта награда и пофалници за успешните творци. Во рамките на програмата се отвори изложбата „Училиштата Ви се претставуваат“ чии домаќини годинава беа ООУ „ ООУ ,,Благој Кирков“ и ООУ ,,ЈХК - Џинот“
Гостите, претставници од Сојузот за грижа и воспитување на деца на Република Македонија, за првонаградените и добитникот на Гран при, обезбеди по едно летување. 41-то издание на Детските Рацинови средби продолжи со поетски караван низ општинските училишта и литературно читање на велешките и детските поети од Македонија. Промоцијата на книгата ,,Шарени писма“ од Виолета Танчева Златева, се одржа во Ликовниот салон, пред многубројните љубители на пишаниот збор.
„Совршен спектар од бои, свое небо, виножитен колорит, кој не мами да подзастанеме и внимателно да го свртиме погледот кон она што е волшепство и совршенство во литературата за деца и млади“ – ова се само дел од зборовите на промоторот Горјан Петревски искажани со нескриен восхит за новото литературно издание на писателката за деца Виолета Танчева Златева.
И оваа јубилејна година,година на три рацинови датуми, Детските Рацинови средби ја постигнаа целта. Почитта на младите литературни творци кон поетот над поетите, големиот Рацин беше надополнета со нови стихови, нови другарства, весела атмосфера и се разбира отворена покана од Велешани за следните 42-ри Детски Рацинови средби.
(21.11.2008)