Организиран дочек на Новата 2009 година
Граѓаните на Велес ќе имаат можност новата 2009 година да ја дочекаат заедно во Младинскиот парк. И годинава, Општина Велес организира програма за највеселата ноќ. За помладите генерации и љубителите на поп музиката, на 31 декември, во периодот од 21 до 23 часот ќе настапи Александра Пилева со нејзиниот бенд. Од 23 часот до трисет минути по полноќ велешани ќе ги забавува кралицата на ромската песна и македонскиот музички амбасадор Есма Реџепова.
Најавувајќи ја програмата за највеселата ноќ, градоначалникот Аце Коцевски изјави дека заложбите на општината за организиран дочек на Новата година се засновани на желбите на граѓаните кои во изминативе неколку години масовно присуствуваа на организираниот дочек. „Ова е можност граѓаните кои се соочуваат со социјални и економски проблеми сепак да ја дочекаат Новата Година, во пријатна и весела атмосфера“, рече Коцевски. Музичките ѕвезди ќе настапат на сцена која ќе биде поставена во Младинскиот парк на истата локација како и минатата година. Традиционално, Новата година ќе биде дочекана со огномет. Доколку се добри временските прилики, на 31 декември, во амфитеатрот, во Младинскиот парк ќе биде изведена новогодишна програма за најмладите велешани.
(09.12.2008)