ЗЕЛС Експо 2005

ImageСо свој штанд посветен на велешката културна ризница, Општина Велес се претстави на саемот на општините ЗЕЛС Експо 2005. Годинава на саемот што од 9-ти до 11-ти декември се одржа во Скопје со свои штандови се претставија вкупно 48 општини од Република Македонија.

Како град на културата за 2005 година, во рамките програмата, Велес се претстави со културно-уметнички колаж на кој настапија Перкашн Бенд, Градскиот-црковен хор „Св. Пантелејмон“, Филип Фасилевски – гајда, Балетското студио „Анабела“, Александра Мирсинова – Виолина, Дејан Попов, велешката чалгија, Народниот театар „ЈХК Џинот“ со дел од претставата „Мечките“ од Чехов и актерот Зоран Љутков како наратор.

Во рамките на саемот Градоначалникот на Општина Велес, Аце Коцевски на панел дискусија посветена на фискалниот аспект на децентрализацијата, ги презентираше своите видувања за досегашните искуства од процесот на фискална децентрализација во Република Македонија. Панел дискусијата се одржа во организација на Здружението на сметководители во непрофитните организации на Македонија, ЗАСНОМ.

Image

На 10 и 11-ти декември во Скопје се одржа и саемот на невладини организации кој годинава беше посветен на процесот на децентрализација во Република Македонија. Саемот свечено го отворија амбасадорот Ерван Фуере, единствен претставник на ЕУ во Република Македонија, градоначалникот на Велес, Аце Коцевски како и претставник на Албанија како фокус земја на саемот.

Во своето обраќање по повод свеченото отворање на саемот, единствениот претставник на ЕУ во Македонија, Ерван Фуере изрази задоволство од големиот број на здруженија на граѓани кои се претставија на саемот оценувајќи го нивниот степен на развој како израз на демократијата во Република Македонија. Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски на свеченото отворање на саемот укажа на значењето на граѓанскиот сектор за развојот на локалните заедници. „Досегашните позитивни искуства од развојот на граѓанското општество одат во прилог на фактот дека отворената власт и развиениот невладин сектор се предуслов за развој на локалната демократија и одржлив развој на локалната заедница“, рече Коцевски. Во рамките на саемот на невладини организации се одржаа повеќе панел дискусии. На овој саем Градоначалникот Аце Коцевски ги презентираше позитивните искуствата на Велес во градењето партнерства помеѓу локалната власт и НВО секторот како и стратешките определби на Општина Велес за локален економски развој.