Општината е способна сама да ги решава проблемите
Со став дека серијата јавни обвинувања се дел од преуранета и валкана кампања, градоначалникот Аце Коцевски, на прес конференцијата одржана на 16 декември годинава изнесе аргументи околу подготовката на проектите за изградба на локални патишта. „Централната власт настојува да прикаже во јавноста дека таа доделува средства за изградба на локални патишта. Вистината е дека тоа се пари земени како кредит од Светска Банка кои ние како даночни обврзници ќе треба да ги плаќаме.
Не треба да берат гајле за локалните патишта. Тие се надлежни за регионалните и магистралните патишта. Нека видат какви се состојбите во патната инфраструктура, Македонски железници, Колска, Тунелот на смртта кај Катланово. Ние сме способни сами да си ги решаваме проблемите. Тие нека берат гајле за своите. Ние не бараме ништо од нив освен правична распределба на средствата од државниот буџет, порача Коцевски .
Во врска со обвинувањата дека троши пари од граѓаните за поставување на билборди со кои се фали општината, Коцевски ја извести јавноста дека билбордите се донација од советот на Европа и дека општината е обврзана да ги извести граѓаните за резултатите што ги постигнала. „Ниту еден денар не е потрошен од џебот на граѓаните, за разлика од Владата која троши милионски суми за саморекламирање“, рече Коцевски.
(16.12.2008)