Општина Велес наградена за добро раководење

ImageОпштина Велес по втор пат годинава доби награда за добро раководење. Претставници на Советот на Европа и ЗЕЛС наградата му ја доделија на градоначалникот Аце Коцевски, на свеченоста организирана во хотелот Александар Палас на 17-ти декември годинава. Наградата за добро раководење Општина Велес ја доби за проценката на примената на етичките стандарди во рамките на програмата „Етика на локално ниво“.

Општина Велес беше најуспешна општина во примената на стандардот „добро раководење“ кој ги опфаќа практиките за борба против корупцијата и вградувањето на  етиката и борбата против корупцијата во активностите, плановите и процесот на донесување одлуки на општината. Според оценките на тимот за проценка, Општина Велес во програмата ги достигнала највисоките стандарди во три области: учество на граѓаните, нулта толеранција за корупција и добро раководење.

Советот на Европа, ЕУ преку Европската агенција за реконструкција, ЗЕЛС и Министерството за локална самоуправа за првпат спроведоа програма за оценување на етичките капацитети на општините во Република Македонија. Наградата е поттик за Општина Велес да продолжи со заложбите за отвореност, транспарентност и соработка со граѓаните во одлучувањето по сите значајни прашања за локалната заедница. Покрај Општина Велес, за постигнувања во различни етички стандарди беа наградени и општините Струмица, Штип, Чашка,Центар и  Битола.