100 Години од раѓањето на Рацин

ImageПо повод 100 годишнината од раѓањето на основоположниокот на македонската современа литература, Коста Солев Рацин, на 18-ти декември во Велес се случи уникатна културна манифестација. Наловена „Филмски воз Кочо Рацин“. Манифестацијата овозможи еминентни писатели, академици и личности од државните институции да патуваат на релација Скопје-Велес, во воз украсен со фотографии од животот и творештвото на Рацин, за  првпат објавени во јавност.
 
 
ImageГостите од филмскиот воз меѓу кои Министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, академик Гане Тодоровски, ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш, маестро Борис Трајанов и други јавни личности ја посетија родната куќа на поетот и положија цвеќе пред споменикот на Рацин, во центарот на Велес.  Во родната куќа на поетот, Јордан Плевнеш и Борис Трајанов ги споделија своите мисли за Рацин со присутните гости.

Во новоотворената мултинаменска сала „Бели Мугри“ се одржа сценско-музички ораториум „Вечниот Рацин“ со учество на македонски актери и студенти на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ЕСРА, во режија на Дејан Пројковски. Поздравувајќи ги присутните на свеченоста, градоначалникот Аце Коцевски потенцираше што значи Рацин за Велес. „Ние граѓаните на Велес се гордееме со Рацин. Последниве години направивме многу за Рацин, но свесни сме дека сето тоа е премалку за да му се оддолжиме за славата што му ја подари на Велес низ вековите. Тој е нашиот најголем знак на препознавање. Ќе остане бесмртен заради неговите грандиозни дела како мал број личности во историјата на македонскиот народ, стожери на македонската нација и ентитет без кои нема опстојување“, рече Коцевски.

„Денес е голем ден за Велес и за цела Македонија бидејќи се слави името на бесмртниот Коста Солев Рацин со церемонија слична на прославите на книжевните великани во Европа и во светот. Денес нашиот Рацин се издигнува високо на интернационалниот книжевен пиедестал“, порача Министерката Канческа Милевска. Манифестацијата која според најавите ќе прерасне во традиција ја организираа Универзитетот ЕСРА, Општина Велес, Македонски железници, Министерството за култура, МАНУ, Институтот за македонска литература, НУБ Св Климент Охридски, Македонскиот центар за фотографија и Друштвото на писателите на Македонија.
 
Манифестацијата ги врати спомените на членовите на семејството на великанот и претставуваше достојно заокружување на Годината на Рацин. Манифестацијата „Филмски воз Кочо Рацин“ќе биде преточена во документарен филм што според најавите премиерно ќе биде прикажан во Велес.
 
Image
 
Image
 
 
(18.12.2008)