Велес домаќин на Републичкиот противпожарен квиз натпревар
На 23 декември годинава, во новата сала „Бели мугри“ се одржа 24-от Републички противпожарен квиз натпревар. Учесниците од 11 општини од 6 региони од Македонија се натпреваруваа во две категории: екипи од основни и средни училишта. Во име на граѓаните на Велес, учесниците ги поздрави градоначалникот Аце Коцевски кој им посака успех и изрази надеж дека оваа хумана професија ќе биде вреднувана и во Македонија како во развиените земји во Европа и светот.
Како претставник на организаторот, Противпожарниот сојуз на Македонија, 24-от Републички противпожарен квиз натпревар го отвори Бранко Стојановиќ. И овојпат учесниците покажаа солидно знаење и желба за победа. Во битката за победа, по дополнителните прашања победникот беше одлучен со жребување. Во категоријата основни училишта првото место го освои екипата на Струга. Жребката одлучи на велешани да им припадне второто место, а третопласирани беа учениците од Општина Газибаба. Во категоријата средни училишта најуспешна беше екипата од Прилеп. Второ место освои екипата на Илинден, а третата награда ја освои Радовиш. Настанот беше збогатен со пригодна културно уметничка програма со настапот на Мартина Каратрајкова во пијано придружба на Александар Манев, ученици во велешката гимназија „Кочо Рацин“.
(23.12.2008)