Малку не има за да се глодаме меѓусебно

Image„Ги следам секој ден потенцијалните кандидати за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ и по некој член на Советот како од петни жили изнесуваат невистини. Не е добро, не е нормално, не е здраво овие млади луѓе да зборуваат со толкав гнев, омраза и злоба. Би им порачал: Нека направат некој успех во животот за да бидат достојни да критикуваат“, рече на прес конференција градоначалникот Аце Коцевски.
 
Тој им порача на луѓето кои секојдневно го обвинуват на прес конференции дека има време до изборите и дека треба да ги почитуваат препораките на ЕУ и да не влетуваат во преуранета кампања. „Граѓаните на Велес се демократски ориентирани, прогресивни и имаат истанчен вкус за политика, знаат да направат разлика и да проценат што е добро, а што не. Малку не има за да се глодаме меѓусебно“, нагласи Коцевски. На редовната прес конференција што се одржа на 23 декември тој изнесе факти во врска со сите обвинувања:

На обвинувањата дека не работи транспарентно и отчетно, градоначалникот наместо реплика го презентираше Извештајот на Комисијата за доделување на признанието за добро управување на ФИИОМ кој јасно покажува дека општина Велес има најсилни капацитети на државно ниво. Тој ги потсети новинарите и на резултатите од мерењето на индексот на капацитет од УСАИД каде четири години по ред Општина Велес е прворангирана. Општината за првпат во Македонија, во 2002 година започна да издава извештаи како отчет каде се трошат парите на граѓаните и постигна врвни резулати во програмата „Етика на локално ниво“ на Советот на Европа.

Околу обвинувањата дека општината нема капацитет да направи добри проекти за изградба на локални патишта, Коцевски напомена дека вината за доцнењето не е кај општините и дека допрва е договорен состанок со претставници на Владата, Министерството за транспорт и врски, Светска Банка и општините за да се надминат проблемите со процесот на аплицирање на проекти.

За обвинувањата околу новата библиотека,Коцевски потенцираше дека Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска при посетата на библиотеката изразила воодушевување од она што го направи општината.

Тој ги информираше новинарите дека во Гимназијата е распишан конкурс за вработување на 21 наставник и еден хигиеничар со кој е прекршен Законот за средно образование затоа што огласот е распишан за приправници, а според законот наставници во средно образование можат да бидат само лица кои завршиле факултет, висока школа или академија и кои положиле стручен испит. „Очигледно по партиска линија со огласот се отстрануваат од работа лицата кои досега работеле на определено време“, рече градоначалникот.
 
(24.12.2008)