Петар Мирчевски добитник на наградата „Петре Прличко“

ImageКомисијата за доделување на актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ одлучи годинава престижната награда да му се додели на актерот Петар Мирчевски од Народниот театар во Битола. Одлуката во име на комисијата, на  прес конференција ја соопшти Александар Ивановски. „Несомнено високата репутација на еден од водечките актери и вонсериски таленти кај нас дојдоа како резултат на импознатниот број успешни актерски остварувања во дела од светската и домашната драмска класика, како и во дела од современата драматургија.
 
Покрај тоа што Петар Мирчевски зазема видно место во нашата театарска средина, тој се промовира со своето актерско мајсторство и на полето на филмот“, стои во образложението на одлуката. Во конкуренција за наградата покрај Мирчевски беа актерите Љубица Бојковиќ, Драган Спасовски-Дац и Благоја Чоревски.

Упатувајќи ги првите честитки до Мирчевски, градоначалникот Аце Коцевски го потенцираше значењето на актерската награда за животно дело. „Велес секогош се гордеел со својата историја, а особено со фактот дека основачот на македонската театарска уметност ЈХК Џинот и најголемиот македонски актер на сите времиња Петре Прличко се од Велес. И во име на историјата, во име на потребата да се остави траен спомен кај сите идни генерации на скомрахот на македонската театарска сцена Петре Прличко, се востанови Актерска награда за животно дело што го носи неговото име“. Актерот Ѓорги Бисерков-Дампе, член на Комисијата од Велешкиот Народен театар нагласи дека комисијата ја донела одлуката поради посебниот континуитет што го остварува Мирчевски. Наградата востановена од Општина Велес, Народниот таеатар „ЈХК-Џинот“ и Здружението на граѓани „Џинот“ се состои во парични средства во висина од 60.000 денари и плакета со ликот на Прличко. Наградата на Мирчевски ќе му биде доделета кон крајот на јануари идната година, а во негова чест Народниот театар од Велес ќе одигра театарска претстава.
 
(25.12.2008)