ПОСЛЕДЕН ПОЗДРАВ ЗА СОЊА ПРЕНЏОВА ЈУРУКОВСКА (1957-2009)
На 5-ти јануари годинава, Општина Велес изгуби личност која беше движечката сила и најсилниот креативен капацитет во редовите на општинската администрација. По кратко боледување Соња не напушти засекогаш. Во знак на неизмерна почит, на 6-ти јануари во големата сала на Општина Велес се одржа комеморација на која градоначалникот Аце Коцевски и го упати последниот поздрав.
„Денешниот ден е еден од најтешките во мојот живот и денес јас не можам да најдам зборови со кои ќе се збогувам со личноста што ја сметам за мој голем пријател, најдобар соработник, исклучителен стручњак и професионалец и пред се личност што најмногу ја ценам“. Голем број роднини, пријатели, колеги и соработници својот последен поздрав го запишаа во книгата на жалоста, Посмртните останки на Соња Пренџова Јуруковска беа погребани истиот ден, на градските гробишта крај црквата „Св. Великомаченик Пантелејмон“.
Родена е во Велес, на 16-ти ноември , 1957-та година. Основното и средното образование го оформува во Велес. Во 1983 година дипломира на Архитетектонскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и се стекнува со звањето дипломиран инженер архитект. Од 1984 до 1997 година работи како архитект во Бирото за урбано планирање и архитектура во Велес.
Во Општина Велес доаѓа во 1997 година и набргу прераснува во движечка сила на општината. Избрана е за главен градски архитект, проектен менаџер за проектите од ФАРЕ програмата на ЕУ ,Чиста и зелена Македонија на УНДП, Еко линкс. Работи на низа значајни проекти за изградба на објекти, уредување на ентериер и подготовка на урбанистички планови. Во нејзината богата професионална кариера, Соња Пренџова Јуруковска е идејниот творец на значајни инфраструктурни проекти. Стотици индивидуални објекти за домување, два стамбени објекта на ул. „Васил Главинов“, Бизнис центар на Жито Вардар“ - во Градско, Реконструкција на зградата на Архивот во Велес, Плоштадките и урбаните решенија кај споменикот на Панко Брашнар, Мало мовче и споменокот на Гемиџиите. Парковите, урбаните катчиња на улиците, целиот ентериер во зградата на Општина Велес, ликовниот салон, фонтаните, салата за електронско одвивање на седниците на Советот, салата за комуникација со јавноста и многу, многу други.
Нејзиниот труд е вграден во секој елемент на урбанистичкиот развој на Велес од 2001 година па наваму.
Смртта ја затекна на работното место раководител на секторот за урбанизам, комунални работи, сообраќај и заштита на животната средина.
Добитник е на Награда за најдобар државен службеник и Признание за посебен придонес во развојот на Велес.
Општина Велес ќе го чува споменот на нејзината храброст и сила. Секој иден чекор напред, секој успех и го посветуваме на нашата незаменлива Соња.