Нема да дозволиме нов еколошки холокауст

ImageБез намера да ја коментира одлуката на Апелациониот Суд во Скопје кој го потврди решението за продажба на топилницата на фирмата Метрудхем ДООЕЛ – Скопје, градоначалникот Аце Коцевски на прес конференција го презентираше својот личен став и ставот на Зелената Коалиција за понатамошните чекори што ќе се преземат за заштита на правото на велешани на чиста и здрава животна средина. „Не смееме да дозволиме да ни се случи уште еден еколошки холокауст. Многу семејства во Велес се завиени во црно. Нашата битка не е политичка кампања. Нашата битка е битка за живот, за здравје а тоа нема цена и е поважно од било каков профит.“, рече меѓу другото Коцевски.

И покрај тоа што официјално не донел одлука дали ќе се кандидира на претстојните избори, Коцевски најави дека во функција на почитувањето на етичките норми на однесување и за да не се дозволи битката за здрав живот да се става во функција на политиката тој ќе ја замрзне својата активност во Зелената Коалиција до завршувањето на изборите.

На средбата со новинарите, Градоначалникот најави дека како континуитет во борбата против рестартирањето на топилницата ќе се преземат повеќе мерки:

1.Ќе биде поднесено барање до Врховниот Суд за ревизија на постапката за продажба на топилницата.
2.Откако ќе се исцрпат сите правни механизми во Македонија, ќе биде поднесена тужба до Европскиот Суд за човекови права во Стразбур и до Европскиот Суд на правдата.
3.Ќе биде побарана средба со фирмата Метрудхем ДООЕЛ – Скопје на која Зелената коалиција ќе се обиде да ги убеди да се откажат од купувањето затоа што топилницата на таа локација со постоечката технологија е огромна опасност за здравјето на велешани и за животната средина.
4.Ќе се направи обид и фирмата да се убеди да ја продаде топилницата како старо железо, на тоа место да создаде индустриска зона за лесна незагадувачка индустрија и заедно со Владата и општината да создаде услови за отворање на неколку илјади нови работни места.
5.Доколку не се успее во тоа ќе има граѓански отпор, протести, блокади, човечки бариери, жив ѕид за да не се дозволи рестартирање.

Коцевски најави средба со Министерот за животна средина и просторно планирање Неџати Јакупи на која со претставници на Одборот за спас на Велес ќе побараат министерството да ги заштити велешани и да го почитуваат уставот и Законот за животна средина.
 
(13.01.2009)