Неправилности во работењето во Гимназијата „Кочо Рацин“

ImageГимназијата „Кочо Рацин“ на 19 декември 2008 година распиша оглас  за вработување на вкупно 21 наставник и еден хигиеничар. Во огласот се бараа 15 наставници приправници без положен стручен испит. Градоначалникот Аце Коцевски смета дека во овој случај во неколку наврати е направено грубо прекршување на законите во Република Македонија.

Најпрвин, нејасно е зошто огласот е распишан дури 17 дена по добивањето на согласностите од Министерството за образование и наука. Со тоа во проблематична ситуација се ставени  14   вработени со договор на определено време по основ итни и неодложни работи  на кои согласностите им истекле на 5-ти декември. Без спроведен конкурс и извршен избор овие лица  реализираат настава сосема незаконски.   

Во Министерството за образование не дозволуваат парцијална исплата на плата за декември 2008 поради што сите вработени во средното образование не можат да земат плата до разрешување на состојбите.

Не се испочитувани законските регулативи за распишување на огласот за вработување. Согласно член 59 од Законот за средно образование, наставник може да биде лице кое освен општите услови, треба да има и положено стручен испит.  На огласот  предност имаат кандидатите со положен стручен испит.

Со огласот е прекршена спогодбата помеѓу Министерот за образование и наука и претседателот на СОНК , Дојчин Цветановски за прекин на штрајкот со услов за решавање на статусот на сите наставници ангажирани на определено време во период од неколку години. Во случајов со конкурсот во гимназијата тројца од наставниците кои подолг период биле ангажирани на определено работно време не се повторно примени на работа и покрај тоа што имаат положено стручен испит. На нивно место се примени приправници.

Со ова е прекршен  член 46 од Законот за работни односи каде што на наставниците им се скратува правото за трансформирање на статусот на вработување од определено на неопределено работно време.

Коцевски ја извести јавноста дека за состојбите е информиран Регионалниот синдикат во Велес и Државниот инспектор за труд од кои очекува да се вклучат во обезбедувањето на законитост на постапките.
 
(13.01.2009)