Подобри услови за настава во Црквино
Општина Велес со средства од буџетот на Општината, во изминатиот период реализираше значајни зафати за подобрување на условите за настава во подрачното училиште „Св Кирил и Методиј“ во Црквино. Градоначалникот Аце Коцевски при посетата на училиштето на 22 јануари годинава за медиумите ги презентираше реализираните активности.
„Како дел од проектот за подобрување на условите за живот во Црквино, во изминатиот период вложивме еден милион денари од буџетот за реконструкција на училишната зграда. 450.000 се вложени во нов топловоден систем, а останатите средства се искористени за реновирање на кровот на училиштето, млатерисување на фасадата, уредување на дворот на училишната зграда и други зафати“, изјави Коцевски кој напомена дека Општина Велес ја реконстрираше зградата и покрај тоа што капиталните инвестиции се надлежност на државата, а не на општината.Останува со подобрувањето на временските услови да се направи подот во училниците со што ќе се заокружи процесот на осовременување на условите за настава.
Стефанка Ценева, директор на ООУ „Св. Кирил и Методиј изрази задоволство од реализираните активности за подобрување на условите за настава. „Долго време училиштето пропаѓаше и ние како централно училиште немавме многу финансиски средства да помогнеме. Ова што го направи локалната самоуправа во голема мера придонесе за подобрување на условите за одвивање на воспитно-образовниот процес“, рече Ценева. Умер Калач, претседател на Советот на месната заедница реализираните активности ги оцени како голем чекор напред за сите 500 жители на Црквино. Тој упати јавна благодарност до Градоначалникот, Советот на Општина Велес и директорката Ценева. „Со ова нашите деца денес не се ништо подалеку од децата во градот кои учат во соодветни услови“, рече Калач.
Во училиштето во Црквино настава посетуваат 44 ученици поделени во 3 паралелки. При посетата на училиштето децата и наставниците не го криеја задоволството од новиот лик на училиштето. Како благодарност пред присутните настапија со пригодна програма.
(22.01.2009)