Предвремената кампања-штета за Република Македонија
„За жал ни се случуваат скоро секојдневно прес конференции на кои високи претставници на ОК на ВМРО-ДПМНЕ изнесуваат невистини, обвинуваат, манипулираат на дрзок, суров, безобразен и безобзирен начин, мотивирани од тесно партиски интереси. На тој начин свесно или несвесно сакајќи да ми наштетат мене и нанесуваат штета на Република Македонија затоа што спротивно на изборниот законик и препораките на ЕУ предвреме ја отпочнаа кампањата.
Успешноста на изборите ЕУ ќе ја оценува не само според тоа како ќе помине гласањето, туку и според сите дејствија пред и по изборите. Прекршувањето значи лоша оценка за Република Македонија и недобивање датум за отпочнување на преговори со ЕУ“. Овој став, на прес конференција го изнесе градоначалникот Аце Коцевски кој јавно порача дека доколку неговото укажување не биде прифатено ќе биде принуден за состобите во Велес да ја извести Државната изборна комисија. „Апелирам да ги надминат тесно партиските интереси, да го надминат политиканството. Нам сега ни е потребно достоинствено однесување, разум и мудрост“, рече Коцевски кој на новинарско прашање потврди дека ќе се кандидира за трет градоначалнички мандат, но напомена дека со цел својата функција на градоначалник на сите граѓани да не ја доведува во прашање, официјалните информации за неговата кандидатура ќе бидат презентирани на прес конференција на ЛДП.
(23.01.2009)