Усвоена Програмата за развој на Вардарскиот плански регион

ImageГасификацијата, изградбата на регионалниот пат Велес-Прилеп преку Бабуна, поддршката на проектот Вардарска долина за изградба на 12 хидроелектрани по течението на Вардар, развојот на металната, текстилната, винската и прехранбената индустрија се само дел од стратешките определби за развој на Вардарскиот плански регион.

 
Тие се дел од Програмата за развој на Вардарскиот плански регион што деновиве едногласно ја усвои Советот за развој на вардарскиот плански регион кој го сочинуваат градоначалниците на деветте општини од регионот. По повод промоцијата на Програмата, Аце Коцевски претседател на Советот за развој на Вардарскиот плански регион изрази задоволство од успешната реализација на проектот за многу краток временски период.


„Со поддршка на Програмата за развој на Обединетите Нации, УНДП, успеавме да го реализираме проектот кој се чинеше невозможна мисија пред само два месеци“, рече Коцевски упатувајќи благодарност до УНДП, консултантската куќа УРЦ, членовите на Советот, претставниците на општинските администрации, НВО и бизнис секторот од деветте општини кои учествуваа во подготовката на програмата.

Лилјана Алчева, менаџер на проектот на УНДП ги потенцираше заложбите на Програмата за развој на обединетите нации во насока на поттикнување на регионалниот развој.

„Овој проект се должи на посветеноста на УНДП на процесот на децентрализација во Република Македонија и заложбите за рамномерен регионален развој во интерес на сите граѓани“, рече Алчева. Таа ги информираше претставниците на медиумите дека покрај програмата УНДП обезбеди техничка поддршка за работа на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион. Обезбеден е канцелариски инвентар и компјутерска опрема за пет лица кои по изборите ќе се вработат во центарот со седиште во Велес. Динамиката на развојот на проектите ќе зависи од капацитетот на регионот да ги користи средствата од ИПА и други фондови како и од подготвеноста на Владата да го спроведе Законот за рамномерен регионален развој и да распредели 1% од БДП за регионалниот развој. Програмата за развој на Вардарскиот плански регион треба да ја усвои Националниот совет за рамномерен регионален развој.

(30.01.2009)