Изворно од „Про Етнос - Бистри води“

ImageМанифестацијата „Велес град на културата“ понуди содржини и за љубителите на изворната македонска музика.

Групата „Про етнос - Бистри води“ при Ансамблот на народни игри и песни „Танец“ со целовечерен концерт ги разигра срцата на велешката публика потсетувајќи ја на незаборавните бисери на македонската изворна музика. Присутните во салата уживаа во изведбата на „Море сон сонила“, „Кавалско оро“, „Велешко оро“, „Бела Денице мори невесто“ и многу други обредни и необредни изворни песни од сите предели на Македонија.

Image

Традиционалните инструменти меѓу кои доминираа, гајдата, кавалот и тапанот надополнети со мелодичните гласови на младите членови на „Про етност“ создадоа атмосфера во која доминираше убавината на македонскиот фолклорен мелос. Современиот израз на изведбата на изворна музика го надополни впечатокот за „Про етнос“ како група која прераснува во нов амбасадор на македонската културна ризница.