Светска Банка - Велес, пилот Општина
Светска банка ја избра Општина Велес за реализација на пилот проект за финансиски менаџмент со фокус на процедурите за јавни набавки. Со цел да се направи првична анализа на административните и финансиските ресурси на општината за реализација на ваков вид проекти претставници на Светска Банка од Вашингтон, САД, Република Бугарија и Република Македонија, на 11-ти февруари годинава остварија средба со градоначалникот Аце Коцевски.
Експертите на Светска Банка посветија големо внимание на тековните практики на финансиски менаџмент и јавни набавки во општината за што разговараа и со стручни службеници од општинската администрација.
На средбата со гостите од Светска Банка, градоначалникот Коцевски изрази задоволство што Општина Велес ужива висок рејтинг кај Светска Банка како општина со успешен финансиски менаџмент и што повторно Велес е избран за реализација на значаен проект, овојпат за воспоставување на нов систем за јавни набавки.
Според најавите на експертите, целта на Светска Банка е да ја охрабри Владата, државните институции и општините да го поедностават системот на јавни набавки и да го достигнат највисокото ниво на практики што ќе бидат усогласени со стандардите на Светска Банка.
Во меѓувреме, општината ги продолжува активностите со Светска Банка за реализација на започнатиот проект за задолжување.