„ЗВУЦИТЕ НА ЖИВОТНИОТ РИТАМ“ ВО ВЕЛЕС
Проектот на Тихомир Кондев „Звуци на животниот ритам“ е збирка на слики, скулптури и графики на врвни македонски уметници што претставува пресек на македонското современо творештво. Мазев, Куновски, Чемерски, Георгиевски, Дамјановски, Дурацовски се дел од авторите што го даваат ритамот на ова македонско колоритно миље. Меѓу нив се и велешаните Сашко и Александар Јовановски, Спасе Перовски и Ангел Коруновски.
Општина Велес и Локалната установа Народен музеј благодарејќи на долгогодишната соработка со г-динот Тихомир Кондев, амбасадорот на македонската уметност, синоќа во Ликовниот салон во Велес ги претставија „Звуци на животниот ритам“ пред велешката публика. Отворањето на изложбата беше проследено со извонредното литературно послание за поставката и нејзиниот промотор од писателот Ефтим Клетников.
Поставката е избор од дела што го сочинуваат Интернационалниот ликовен караван кој своето патување по светот го започна во Охрид 2005 година и ќе го заврши на истото место во 2010-тата. По гостувањето во Велес заминува за Србија и Хрватска, а оттаму се сели на американскиот континет.
(13.02.2009)