Врачена Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2008 година

ImageВо преполната сала на НУЦК „ЈХК-Џинот“, на 19-ти февруари годинава, на актерот  Петар Мирчевски од  Народниот театар од Битола свечено му беше врачена Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2008 година. На настанот што го организираа Општина Велес, НУЦК „ЈХК-Џинот“- Велес и Здружението на драмски уметници на  Република Македонија „Џинот“ – Скопје, Градоначалникот Аце Коцевски на Мирчевски му врачи признание, парична награда и мнографии за Велес и Петре Прличко. Здружението „Џинот“ на добитникот на наградата му врачи плакета со ликот на доајенот на македонскиот театар Петре Прличко.
 
ImageImage
 
Во чест на Мирчевски НУЦК „ЈХК-Џинот“ ја одигра претставата „Веселите жени од Винздор“ во режија на Александар Ивановски. Актерот Петар Мирчевски досега настапувал во 130 водечки, стожерни, главни татарски улоги и над 20 филмски остварувања.
 
Незаборавни се неговите улоги на  Сирано, Иби, Ричард, Скапен, Малволио, Воланд, Полониј, Задрогаз, Пејо, Абдула, Расим, Ангеле, Крсте...филмовите .„Пред дождот“, „Прашина“, „Сенки“,„Големата вода“, „Илузија“, „Превртено“.
 
Жири комисијата во состав: Александар Ивановски, Ѓорѓи Бисерков - Дампе и Александар Микиќ  донесе Одлука Актерската награда за животно дело „Петре Прличко“ за 2008 година да му ја додели на актерот Петар Мирчевски за неговиот исклучителен талент,  оригиналниот артизам со посебна филозофија и умешноста на создавање живи и духовити карактери.
 
Петар Мирчевски за својот актерски опус е добитник на повеќе награди и признанија: Битолската општинска награда „4-ти Ноември“, награди од весникот „Млад борец“ и ревијата „Екран“, три награди на фестивалот „Војдан Чернодрински – Прилеп и добитник на Златна маска на фестивалот „Охридско лето“ за најдобро актерско остварување.
 
ImageImage
 
(19.02.2009)