Да се почитуваат тендерските правила

прес (26.02.2009)„Без намера да навлегувам во надлежностите на Судот ниту пак да ја коментирам постапката, како градоначалник на град што три децении се бори со загадувањето и последиците од тешките метали апелирам на почитување на законите и актите на Собранието на доверители меѓу кои е Општина Велес“, изјави на прес конференција Градоначалникот Аце Коцевски.

На средбата со новинарите одржана на 26 февруари тој ги цитираше упатствата на тендерот за продажба на средства на МХК Злетово АД во стечај во кои стои дека најуспешниот понудувач е должен во рок од 30 дена да ја плати куповната цена дадена во финансиската понуда. Неможноста да се одговори на овој услов ќе води кон  дисквалификување на финансиската понуда. Тендерските правила утврдуваат и дека депозитот на избраниот понудувач ќе биде задржан доколку не ја заврши купопродажбата, а продавачот ќе има право да пристапи кон потпишување на купопродажен договор со второрангираниот понудувач. „Бидејќи во случајов нема второрангирана фирма, може само да се констатира дека тендерот е неуспешен. Факт е дека Метрудхем не ги уплати парите во рокот утврден во тендерот и дека не ги почитуваше тендерските правила. Затоа апелирам до сите инволвирани во продажбата на топилницата да ги почитуваат законите и правилата на тендерот“. Коцевски ја повика Владата и премиерот Груевски сериозно да размислат за можноста наместо да ги молат инвеститорите да ја купат топилницата, Владата да биде купувачот и да овозможи на таа локација да не изникне  гигант што ќе ги убива велешани туку  нова индустриска зона со незагадувачки индустрии и со можности за нови работни места.

„За граѓаните на Велес кои сеуште страдаат од последиците од тешките метали нема друг избор, друга иднина. Сега од Владата зависи што ќе одбере како приоритет. Општина Велес нема да се откаже од битката за подобра иднина на Велес. Што и да одлучи одборот на доверители на 11 март годинава, доколку не се почитувани тендерските правила и законите, Општина Велес во својство на доверител ќе ги активира сите правни механизми што ни стојат на располагање“, нагласи градоначалникот. На средбата со новинарите тој изрази задоволство што Општина Велес ја има поддршката на невладините организации, илјадници граѓани и поддршката на ЕУ во битката за здрав живот за велешани.
 
(26.02.2009)