ВЕЛЕС СЕ ЗБРАТИМИ СО ЧАН
На 83 та седница, Советот на Општина Велес едногласно усвои Одлука за збратимување на Општина Велес, со општина Чан, Република Турција. Иницијативата на Градоначалникот Коцевски за збратимување на Велес со град во Турција, земја со која културно-историските врски на Велес и денес се многу силни, ја прифати и поддржа и Амбасадата на Република Македонија, во Република Турција. Општина Чан ја прифати поканата за збратимување со усвојување на одлука од страна на Советот на општината. Општина Чан е лоцирана во областа Чанакале, Западна Турција.Има 51.967 жители. Најголем извор на егзистенција за населението се фабриките за керамички производи. Покрај керамичката индустрија Чан е познат по термалниот реактор, термалните извори, рударството, природниот гас кој се користи како енергетски ресурс и заштитата на животната средина.
Во областа на културата и спортот, Чан е препознатлив по богатиот фолклор и фолклорни ансамбли, спортските терени и спортско едукативните капацитети, установите од културата, борбите на камили и фестивалот на гулаби.
Со одлуката за прифаќање на иницијативата за збратимување се отвораат многу можности за продлабочување на меѓународната соработка, реализација на заеднички проекти и активности како и можности за економска соработка и трговска размена.
Врз основа на оваа одлука Градоначалниците на двете општини ќе потпишат Договор за збратимување и взаемна соработка врз основа на унифицираниот документ за збратимување на ЕУ. Повеќе информации можете да најдете на официјалната Веб страница на Општина Чан www.can.bel.tr
(04.03.2009)