Собирачи на народни умотворби
Велес и Македонија се збогатија со уште едно ретко книжевно издание посветено на народните умотворби. На 5-ти март годинава книгата „Современи собирачи на народни умотворби", на авторот Иван Глигоровски беше промовирана во Ликовниот салон во Велес. Нагласувајќи дека денешницата го нагризува она што некогаш се создавало, промоторот Драге Сталески оцени дека оваа книга заслужува посебно внимание особено затоа што во современиот живот се губат автохтоните средини на народното творештво.
Книгата го опфаќа народното творештво на 20 собирачи на народни умотворби меѓу кои и велешаните Анѓел Ќулафковски автор на „Монографијата за Папрадиште“ и Никифор Смилевски автор на книгата “Песната и коренот“. Вљубениците во народното творештво во книгата „Современи собирачи на народни умотворби" ќе пронајдат народни песни меѓу кои и повеќе од велешкиот крај, вулгарни празнични песни, историски записи и многу други творечки бисери на македонскиот народ.
(06.03.2009)