Соопштенија
РЕАКЦИЈА НА ПРЕСКОНФЕРЕНЦИЈА НА СДСМ ОДРЖАНА НА ДЕН 29.10.2013 ГОДИНА
Почитувани сограѓани
За Општина Велес е најзначајно што јавните расправи по нацрт-програмите за 2014 година беа едни од најдобро организираните досега. На истите присуствуваа претставници од речиси сите урбани и месни заедници, од областите на образованието, културата, здравствената и социјална заштита, како и од здруженија на граѓани и фондации но и многу други граѓани. За тоа говорат фотографиите кои ќе Ви ги испратиме во прилог.
За време на јавните расправи, присутните кои беа заинтересирани по однос на нацрт-програмите активно се вклучија во дискусиите разменувајќи мислења и сугестии со градоначалникот и преставниците на општиснката администрација. И затоа крајно се нелогични и неточни изнесените ставови дека јавните расправи беа монолог и проформа.
Инаку, во интерес на транспарентното и јавно работење и информирање за трошењето на буџетските средства, Општина Велес од утре започнува да реализира тркалезни маси со различни групи на граѓани, на кои ќе бидат разгледувани нацрт-програмите за 2014 година. Дополнително, со единствена цел за непосредната комуникација на жителите со локалната самоуправа и презентирање на идните планови, градоначалникот Славчо Чадиев и претседателот на Советот Александар Колев, започнаа со посетите на сите урбани и месни заедници на територијата на Општина Велес.
Целта на ваквите средби е граѓаните да ги изнесат приоритетите и проблемите со кои тие се соочуваат но исто така и да се запознаат со проектите кои општината во иднина планира да ги реализира, во рамките на програмите за работа на Општина Велес во 2014 година.
Од сето погоре кажано станува јасна сликата дека Општина Велес превзема значителни активности во рамките на отчетното, транспарентно и прецизно информирање на граѓаните за тоа каде и како се трошат нивните пари. Тоа впрочем од секогаш било и одлика за работењето на општината. Ваквата праска ќе продолжи и во иднина, а секој обид за нејзино дискредитирање сметаме дека е крајно непотребен.
Со почит,
Општина Велес