Соопштенија
Честитка по повод 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба

Почитувани,
На сите граѓани на Општина Велес им го честитам празникот 23-ти октомври - Денот на македонската револуционерна борба, значаен ден за македонската историја.
Денес е денот кога го чувствуваме духот од револуцијата и го живееме моментот кога една организација пред 122 години имаше една цел, да ја сплоти исконската желба за слобода на Македонија и македонскиот народ. Македонската револуционерна организација ги напиша страниците на славната историја со крв и саможртва, и прати јасна порака до сите дека македонскиот народ е подготвен и преку смртта да ја создава слободата.
Со ова нивно дело, несомнено нашата историја ја добива смислата за македонскиот непокор, и за револуционерната борба, која треба да создаде слобода, култура и вредности. Сите понатамошни македонски револуции и народни востанија ќе почиваат на овој пример.
Општина Велес останува достоен следбеник на своите големите синови. Гордо, со достоинство и љубов ја раскажува нивната историска вистина. Уште повеќе што Велес е најголемото јадро на хероите.
Наша најголема задача е нашите наследници да ја знаат историјата на својот народ, да ги научат своите деца на гордоста и достоинството што го поседува секој Македонец од раѓање.
Велес има достојни следбеници на овие храбри јунаци. Има синови што го градат и бранат, што го промовираат во светот градот неговата култура и традиција, неговото централно место во македонската национална историја. Има кој да го вее знамето на револуцијата – слобода или смрт за Македонија.
Нека е честит 23-ти Октомври, Денот на Македонската револуционерна борба.
Да живее споменот за хероите,
Да живее Велес,
Да живее Македонија!
Славчо Чадиев, Градоначалник на Општина Велес