Соопштенија
ОВЕТОТ НА ОПШТИНА ВЕЛЕС ЈА ОДРЖУВА СВОЈАТА 57-ТА СЕДНИЦА
СПретседателот на Советот на Општина Велес Александар Колев ja информира јавноста дека на ден 29.09.2016 година (четврток) во просториите на Општина Велес со почеток во 13:00 часот, Советот на Општина Велес ќе ја одржи својата 57-ма седница.
За 57-та седница на Советот предложен е следниот дневен ред:
1. Предлог-одлука за продолжување на работното време на угостителските објекти во Општина Велес.
Угостителите при вршењето на угостителската дејност се организирани со работно време, кое е определено според Законот за угостителска дејност. Согласно овој закон и измената број 53/11 каде што е предвидено дека Советот на општината за одредени туристички, културни и друг вид на манифестации , содржани во годишните програми, може да донесе одлука и да го продолжи работното време на угостителските објекти за два часа, во период најмногу до три дена. Поради престојниот традиционален Фестивал на питите и виното и одржувањето на манифестацијата „Велешка пита пастрмајлија-2016“, се предлага донесување на оваа Одлука со која на сите угостителски објекти кои егзистираат во градот им се продолжува работното време уште за два часа од утврденото (регистрираното) работно време.
2. Предлог-одлука за утврдување на услови за начинот на градење во село Кумарино, Општина Велес за кое нема урбанистички план.
Со донесувањето на оваа Одлука за село Кумарино ќе се задоволи потребата на граѓаните за барање одобренија на градење. Планскиот опфат ќе значи дека овој простор се формира како земјиште за градба и ќе се олесни постапката за издавање на одобренија за градење како и ќе се забрза процесот на легализација на бесправно изградените објекти.
3. Предлог-одлука за утврдување на потреба за пренамена на површина со класа на намена индустрија во класа на намена А1 (Домување во станбени куќи) заради усогласување на намената на бесправните објекти изградени во КО Велес.
До Општина Велес поднесени се барања за утврдување на правен статус на бесправен објект од тројца баратели. Бесправните објекти кои се предмет на барањата за утврдување на правен статус се наоѓаат на земјиште чијашто класа на намена согласно Генералниот урбанистички план на град Велес е индустрија. Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус на овие бесправно изградени објекти (кои несомнено се изградени пред многу години) и поефикасно да се заврши постапката во пресрет на граѓаните, потребно е да се изврши пренамена на земјиштето со класа на намена индустрија во класа на намена А1-Домување во станбени куќи. На овој начин голем дел од започнатите постапки би се завршиле и барателите ќе добијат Решенија за утврдување на правен статус кои претставуваат правен основ за запишување на правото на сопственост во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
4. Предлог-одлука за за утврдување на потреба за пренамена на површина со класа на намена Г2, Г3 и Г4 (лесна индустрија, сервиси и стоваришта) во класа на намена А1 (Домување во станбени куќи) заради усогласување на намената на бесправните објекти изградени во КО Башино Село.
До Општина Велес поднесено е барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од барател на кој бесправниот објект се наоѓаат на земјиште чијашто класа на намена согласно Општиот акт за утврдување на условите и начинот на градба во населено место Башино Село е Г2, Г3 и Г4 (лесна индустрија, сервиси и стоваришта). Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус и поефикасно да се заврши постапката во пресрет на граѓаните, потребно е да се изврши пренамена на земјиштето со класа на намена Г2, Г3 и Г4 (лесна индустрија, сервиси и стоваришта) во класа на намена А1-Домување во станбени куќи. На овој начин започнатата постапка би се завршила и барателот ќе добие Решение за утврдување на правен статус кое претставуваат правен основ за запишување на правото на сопственост во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
5. Предлог-одлука за утврдување на потреба за пренамена на површина со класа на намена B5 (Верски институции) во класа на намена А1 (Домување во станбени куќи) заради усогласување на намената на бесправните објекти изградени во КО Оризари.
До Општина Велес поднесени се барања за утврдување на правен статус на бесправни објекти кои се наоѓаат на земјиште чијашто класа на намена согласно Општиот акт за населено место Оризари е определена како В5-Верски институции. Со цел непречено да се продолжи постапката за утврдување на правен статус на овие бесправно изградени објекти, кои несомнено се изградени пред многу години и поефикасно да се заврши постапката во пресрет на граѓаните, потребно е да се изврши пренамена на земјиштето со класа на намена В5-Верски институции во класа на намена А1-Домување во станбени куќи. На овој начин би се завршиле започнатите постапки и барателите ќе добијат Решенија за утврдување на правен статус кои претставуваат правен основ за запишување на правото на сопственост во јавната книга за запишување на правата на недвижностите.
6. Предлог-одлука за утврдување на потреба за пренамена на површина со класа на намена А1 (Домување во станбени куќи) во класа на намена E2 (Комунална супраструктура-трафостаница) заради усогласување на намената на бесправните објекти изградени во КО Велес.
До Министерството за транспорт и врски доставено е барање за утврдување на правен статус на бесправен објект од ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција на електрична енергија-КЕЦ Велес за утврдување на правен статус на бесправно изграден објект- ТС 10 (20) кВ “Тунел 1”, што е изградена во мв “Камено Брдо” КО Велес. Предметниот објект на ЕВН Електростопанство на Македонија, Акционерско друштво за дистрибуција на електрична енергија- КЕЦ Велес, според Генералниот урбанистички план на град Велес, се наоѓа на земјиште со класа на намена А2-Домување во станбени згради. Со цел Министерството за транспорт и врски непречено да ја продолжи постапката за утврдување на правен статус на овој бесправно изграден објект, потребно е да се изврши пренамена на земјиштето со класа на намена А1- Домување во станбени куќи во класа на намена Е2-Комунална супраструктура-трафостаница.
7. Предлог-одлука за откажување од корисничко право од недвижен имот за КО Мамутчево.
Јавното претпријатие за државни патишта поднесе барање до Општина Велес за добивање согласност за престанок на корисничко право запишано на КП бр. 1537 и КП бр. 1538, евидентирани во ИЛ 98 за КО Мамутчево. Бришењето на корисничкото право од овие парцели е потребно заради добивање на Одобрение за употреба на делницата Велес-Кадрифаково како експресен пат, втора секција од депонија Велес до с. Лозово. Откако Советот на Општина Велес ќе ја донесе вака предложената одлука, истата ќе биде доставена во Министерството за финансии–Управа за имотно правни работи со барање да биде спроведена постапка за одземање на корисничкото право и ослободување на товар. По донесувањето на решението во оваа постапка, ќе се изврши бришење на товарот од ИЛ во Агенцијата за катастар на недвижности и права.
8. Предлог-одлука за утврдување на висина на надоместок на член на Стручна комисија.
Согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање за спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за урбанистичкиот план, од страна на стручна комисија формирана од градоначалникот на општината која е составена од три члена и тоа претставник на изработувачот на планот, вработено лице во општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање. Согласно законот во комисијата најмалку два члена треба да не се лица вработени во општинската администрација. Согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање за одржаната стручна расправа се изработува извештај, кој со записник од расправата и со посебни образложенија за прифатените и неприфатени забелешки од стручната расправа го изработува стручна комисија составена од три члена и тоа еден претставник од донесувачот на планот (стручно лице од областа на урбанистичкото планирање), еден претставник на изработувачот на планот (носител на изработка на планот) и еден стручен работник од областа на урбанистичкото планирање, која ја формира градоначалникот на општината. Надоместокот од оваа одлука се однесува на надворешниот член на комисијата кој не е вработен во општинската администрација и кој не учествува во изработката на планот. Од овие причини се предлага на Советот да ја донесе оваа одлука.
9. Предлог-одлука за утврдување на висина на надоместок на членови на Комисија за урбанизам.
Градоначалникот на Општина Велес согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање има донесено Решение за формирање на Kомисија за урбанизам. Согласно законот во комисијата најмалку два члена треба да не се лица вработени во општинската администрација. Надоместокот од оваа одлука се однесува за членовите на комисијата кои не се вработени во општинската администрација. Од овие причини се предлага на Советот да ја донесе оваа одлука.
10. Предлог-одлука за давање намена на простории од објект во с. Отовица, сопственост на Општина Велес.
Од страна на Општина Велес извршено е впишување на сопственоста на објектот пред Агенцијата за катастар на недвижности Велес, за кој објект сопственикот добива имотен лист. Објектот е уреден со две простории и поради потребата да истиот се користи од повеќе лица за извршување на нивните активности, се наложи потреба да се предложи оваа Одлука. Со лицата кои ќе ги користат просториите ќе се склучи договор за начинот на користење, тековно одржување на објектот.
11. Предлог-решение за именување членови на Комисијата за борба против трговија на луѓе и илегална миграција.
Советот на Општина Велес на седницата одржана на ден 29.08.2016 донесе Одлука за формирање на Локална комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција во Општина Велес. На институциите од самата одлука пратен е допис за да номинираат лице кое ќе членува во Комисијата. Комисијата има обврска да ги донесе следните акти годишна програма за работа на локалната комисија, локален акциски план за борба против трговија со луѓе и илегална миграција, годишен извештај за работењето на локалната комисија, кој ќе го доставуви до Советот на општина Велес и до Националната Комисија за борба против трговија со луѓе и илегална миграција во Република Македонија и Деловник за работа на локалната комисија.
12. Предлог-годишна програма на ООУ „Св.Кирил и Методиј“ Велес за учебната 2016/2017 година.
13. Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Васил Главинов“ Велес за учебната 2016/2017 година.
14. Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Блаже Конески“ Велес за учебната 2016/2017година.
15. Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Благој Кирков“ Велес за учебната 2016/2017 година.
16. Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ Велес за учебната 2016/2017 година.
17. Предлог-годишна програма на ООУ „Рајко Жинзифов“ с. Долно Оризари за учебната 2016/2017 година.
18. Предлог-годишна програма за работа на ООУ „Стојан Бурчевски Буридан“ с.Иванковци за учебната 2016/2017 година.
19. Предлог-годишна програма на ООМУ „Стефан Гајдов“ Велес за учебната 2016/2017 година.
20. Предлог-годишна програма за работа на ОСУ „Јовче Тесличков“ Велес за учебната 2016/2017 година.
21. Предлог-годишна програма за работа на СОУ „Гимназија Кочо Рацин“ Велес за учебната 2016/2017 година.
22. Предлог-годишна програма за работа на ССОУ „Коле Неделковски“ Велес за учебната 2016/2017 година година.
23. Предлог-годишна програма за работа на ССОУ „Димитрија Чуповски“ Велес за учебната 2016/2017 година.
Годишните програми за воспитно-образовната работа на општинските средни и основни училишта, за учебната 2016/17 година, се краткорочни развојни документи и претставуваат оперативни планови за работа со кој е програмирана целокупната работа. Тие се подготвуваат за да бидат носител и столб на сите процеси во училиштата кои се планираат и ќе се реализираат во текот на оваа учебна година која што неодамна отпочна. Во согласност со законските прописи, Советот на Општина Велес како основач на овие образовни институции е должен да ги разгледа и да се произнесе по годишните програми.
24. Извештај за работата на ЈКП „Дервен“ во период од 01-06 месец за 2016 година.
Во согласност со Законските прописи до Советот на Општина Велес е стигнато барање за разгледување на Извештајот за работата на ЈКП „Дервен” за период од 01-06 месец во 2016 година. Извештаjот е претходно усвоен од управниот и дадено е мислење од надзорниот одбор на јавното комунално претпријатие.
25. Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за дополнување на Одлуката за утврдување на висина на цените за извршените услуги према правни и физички лица на ЈКП „Дервен“ - Велес.
Од ЈКП „Дервен“ до Општина Велес пристигна допис со кој во прилог се доставени Одлука од управниот одбор за дополнување на Одлуката за утврдување на висина на цените за извршените услуги према правни и физички лица и Мислење од надзорниот одбор по дополнување на оваа одлука. Согласно Законот за јавните претпријатија е регулирано дека основачот на јавното претпријатие дава согласност на Актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците. Согласно ова се предлага Предлог решението до Советот на Општина Велес.
26. Извештај за работа со финансиски резултати на ЈПССО „Парк Спорт“ Велес за период од 01.01.2016 година до 30.06.2016 година.
Во согласност со Законските прописи до Советот на Општина Велес е стигнато барање за разгледување на Извештајот за работата на ЈПССО „Парк Спорт“ Велес за период од 01.01.2016 година до 30.06.2016 година. Извештаjот е претходно усвоен од управниот и надзорниот одбор на јавното претпријатие за стопанисување со спортски објекти.
27. Предлог-решение за давање согласност на Одлуката за утврдување на цени за користење на спортскиот објект „двоен тениски терен“ при ЈПССО „Парк-Спорт“ Велес.
Советот на Општина Велес на седницата одржана на ден 29.08.2016 донесе одлука за давање на користење на недвижна ствар, спортски терен (двоен тениски терен) на ЈПССО „Парк-Спорт“ Велес. Согласно одлуката беше потпишан договор за користење на недвижна ствар и записник за примопредавање помеѓу Општина Велес и ЈПССО „Парк-Спорт“. Од страна на управниот одбор на претпријатието до Општина Велес доставена е Одлука за утврдување на цени за користење на спортскиот објект „двоен тениски терен“. Согласно Законот за јавните претпријатија е регулирано дека основачот на јавното претпријатие дава согласност на Актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги продава и врши за корисниците. Согласно ова се предлага Предлог решението до Советот на Општина Велес.
28. Информација за број на запишани деца во општинските основни и средни училишта за учебната 2016/2017 година.
Согласно Законот за основното образование децата во прво одделение во основното образование се запишуваат во месец мај за следната учебна година. Запишувањето на учениците во средните училишта е по пат на јавен конкурс кој го распишува Министерството за образование и наука најкасно до 31 март за тековната година. На тој начин идните средношколци добиваат информација за наставните струки и профили што ќе бидат застапени во училиштата. По завршување на сите уписни рокови се изработува оваа информација во која се прикажани запишаните ученици во основните и средни училишта во Општина Велес.
Со последната 28-ма точка, е исцрпен предложениот дневен ред за 57-та седница на Советот на Општина Велес.