Соопштенија

Од утре - нов режим на собирање на отпадот во центарот на Велес

До денес ЈКП „Дервен“ како овластен оператор за постапување со комуналниот и комерцијалниот отпад на територијата на Општина Велес беше должен да го собира отпадот два пати во неделата, а во централното градско подрaчје и главните сообраќајници секој ден, освен во сабота.

Оваа фреквенција на собирање на отпадот не ги даде очекуваните резултати. Контејнерите во централното градско подрачје уште во пладневните часови се преполни со отпад, кој се собира ноќе, со што се предизвикува нагрдување и неуреденост на просторот во урбаната средина.

Во централното градско подрачје работат многу трговски објекти кои имаат лимитирани просторни услови, фреквенцијата на луѓе е голема, количините на отпад се зголемуваат со современиот начин на живеење.

Реакциите на граѓаните кои се назадоволни од состојбата се големи особено затоа што отпадот влијае и на здравјето на луѓето, привлекувајќи глодари и инсекти кои се пренесувачи на заразни заболувања, заради што оваа соостојба е сериозна и неодржлива.

Затоа Советот на Општина Велес утврди нов режим за собирање на отпадот два пати на ден и тоа во периодот од 10.30-12.30 часот и од 22.30 до 00.30 часот.

Почнувајќи од утре 28 ноември 2018 година, на потегот од ул. „Благој Ѓорев“ од магацинот на „Дервен“, па по ул. „8ми Септември“, ул. „Илинденска“, ул. „Димитар Влахов“ од Градски пазар до спој со „Илинденска“, ул. „Гоце Делчев“, ул. „Страшо Пинџур“, ул.„ Алексо Демниевски“ и ул. „Архиепископ Михаил“ зад „Интернационал“ отпадот ќе се собира секој ден по два пати во едно деноноќие.

До крајот на неделата ќе почне и собирањето на отпадот од контејнерите поставени на јавни површини на главните сообраќајници секоја ноќ.
Со оваа зголемена фреквенција на собирање на отпадот ќе се намалат количините на отпад во урбаната средина и ќе се подобри квалитетот на живот на граѓаните.