по 1991 год.
Велес по осамостојувањето на Македонија
Страница 2 од 3
Спомениците на минатото во Велес, црквите “Св.Пантелејмон” и “Св.Спас”, Саат Кулата, Џамијата се наша гордост. Се гордееме и со сочуваната стара градска и европска архитектура, а го имаме и Малото мовче, најстариот спој на бреговите и на животот.
Поствоениот период во развојот на Велес најавува негова нова цивилизациска експанзија. Видливо е неговото продолжување на културните традиции во сите области на уметноста - литературата, музиката, сликарството. Образовниот просек на велешани е далеку од оној затечен по ослободувањето на градот. И спортскиот живот, организиран во спортски клубови на масовните спортови доживува неверојатен подем.
Распадот на поранешна Југославија, прилагодување на Македонија кон плуралистичкиот и политички живот се одрази во севкупните состојби на градот. Младата македонска држава, сонот на плејадата борци од изминатите векови, споменати во оваа книга и многу застапени само во идејата, а не и со своето име, беше остварен.
Полека, во изминативе 12 години самостојност, започна да се нормализира животот во Велес. Со свои сопствени сили, но и со помош на меѓународни и домашни донации Велес добива димензија на современ и модерен град. Се инвестира во неговото инфраструктурно уредување, во заштитата на спомениците од минатото, во развојот на нови културни дострели.
Се родија во Велес и ја обележија втората половина на 20 век, нови имиња во областа на науката, литературата, уметноста. Нивните придобивки градот ќе ги памети и ќе ги внесе во својот историски бележник, но со исто толку гордост и достоинство ќе ги чува во својата историја луѓето кои не потекнуваат од него, а несебично се вградија и се уште вложуваат во него. Таа комбинација од велешани кои низ светот го величеа неговото име и луѓе кои Велес го чувствуваат за свој ја формира сликата на неговите почесни граѓани.