по 1991 год.
Велес по осамостојувањето на Македонија
Страница 3 од 3
Д-р Ѓорѓи Шоптрајанов, велешанец кој како голобрадо момче го напуштил родниот Којник и жеден за наука заминал низ Европските метрополи. Во Париз неговото второ огниште, за заслугите во областа на романистиката и бројните лексикографски трудови е одликуван со легија на честа, признание со кое многу малку странци имаат чест да се закитат. Како момче, додека престојувал во Белград, другарува со Кочо Рацин и другите напредни идеолози од студентската младина. По војната го основа Универзитетот “Кирил и Методи” во Скопје и Универзитетската библиотека “Климент Охридски”. Во многу прв и значаен после секој свој научен поход се враќа во Велес да собере сили за нови, повисоки дострели. Во 2000 година Општината Велес Ѓорѓи Шоптрајанов го прогласи за свој почесен граѓанин.
Име што нераскинливо е поврзано со сите современи текови во Македонија на политички, спортски, културен и економски план е Трифун Костовски. Неговиот пиетет кон градот со најстара културна традиција, неговата мерка за значењето на вредностите, придонесе повеќепати да вложи заедно со материјалните средства и многу љубов и емоции во овој град. Му го подари споменикот на Кочо Рацин, дело на академскиот склуптор Томе Серафимовски, му помогна во реставрирање на цела една улица на стара градска архитектура, се грижи и помага лица со хендикеп.
Составот на почесните граѓани на Велес покажува дека подеднакво му се важни на градот и на велешани сите области од животот и сите луѓе. Уште еднаш и на овој начин ја покажува својата отвореност кон светот и својата космополитност.
А таа негова широчина се изразува и преку трите меѓународни манифестации што се одржуваат во него: “Рациновите средби” со четириесет годишна традиција, Фестивалот на античка драма “Стоби” и Фолклорниот фестивал “Велес”. На полето на ликовната уметност во градот се одржуваат две меѓународни ликовни манифестации: ликовна колонија - еко арт и сликарска колонија - мал формат. Бројни проекти на поединци го издигнале градот и го претставуваат ширум светот - актерот и режисер Младен Крстевски со своите филмски остварувања, сликарите Ангел Петров и Сашко Попов со своите дела.
Книжевната традиција продолжува со Јордан Леов, Васил Тоциновски, Катица Ќулавкова, Тихо Најдовски, Македонка Јанчевска и други помлади автори кои се уште го градат својот опус.
Музичката сцена, по брилијантните творечки дострели на Живко Фирфов и Стефан Гајдов ја продолжува младата екипа на музичари како Веселинка Маџарова, Светлана Ташева и т.н.
Сепак најголем континуитет во развивањето на културното опстојување на градот има театарот. Првите театарски обиди на ЈХК-Џинот денес ги издигнуваат до вистински маестрални достигнувања во оваа област актерите на театарската куќа што го носи неговото име. Се чува тука култот на доајените Петре Прличко и Тодорче Николовски и низата имиња што ја постигнаа традицијата за да дојде денес уште едно име на самиот врв на скалилото - Васил Зафирчев.
Секое време, секој век, секоја генерација реди, вградува, ѕида на темелот поставен пред повеќе од 23 века. Затоа градбата со име Велес е толку лична, толку моќна и достоинствена, затоа гордо го чува своето име и имињата на своите градители.
- << Пред
- Следно