пред и I с.в.

Балканските војни и I светска војна

Со нападот на балканските сојузници во 1912 година конечно е ставен крај на турското владеење во Македонија, а Велес се нашол под српска власт. Вештачки повлечените граници низ природната целина на Македонија ги нарушиле вековното единство на територијата. Тоа придонело до нагло опаѓање на занаетчиството, стопанството, трговијата и транспортот до солунското пристаниште. Употребата на македонскиот јазик и македонскиот фолклор биле забранети, а наставата во народните училишта парализирана.

Македонското иселеништво, особено во Русија, реагирало против поделбата на Македонија и српската асимилација на народот. Во својата активност предничела македонската петроградска колона во која дејствувале Димитрија Чуповски, неговиот брат Наце Димов и други прогресивни велешани. Од соработката на Чуповски, Павел Шатев и Петар Поп Арсов потекнала идејата за автономна Македонија.

По завршувањето II Балканска војна во 1913 година под уредништво на Димитрија Чуповски, македонската интелигенција во Русија, во весникот “Македноски глас” ја запознава светската јавност со историските, етнографските и географските граници на Македонија, но тоа не изменило ништо на новата балканска карта.

Со почетокот на I Светска војна, во 1914 година Велес и околината биле подложени на регрутација, мобилизација и реквизиција. По окупацијата на Бугарија, една година подоцна економската положба на населението уште повеќе се влошува. Со потпишувањето на примирјето во 1918 година вардарскиот дел на Македонија и припаднал на Србија.

Војната што се водела на територијата на велешко нанела многу штети на инфраструктурата, верските објекти и уметничките вредности. Населението било во социјален колабс. Најдоследните приврзаници за национално и социјално ослободување и обединување на Македонија ја продолжиле својата борба преку организацијата ВМРО.

Велешката околија, согласно Видовденскиот устав од 1921 година му припаѓа на скопскиот округ. Намалувањето на бројот на жители во текот на цели 20 години (до 1941 година) ја отсликува тешката економска состојба на македонскиот првенец. Миграционите движења, војните и епидемиите, мала индустриска развиеност, придонеле за опаѓање на бројот на жителите во градот. И селата не биле поштедени од промени. Ним им престоела аграрна реформа и колонизација.


Во градот, во меѓувоениот период постоеле 8 индустриски претпријатија главно од лесната преработувачка индустрија, мелници за брашно, фабрики за масло за јадење, за керамички цевки и плочки, со низок капитал и примитивна технологија. Фабриките биле сопственост на видни велешани, со личен и здружен капитал како Органџиеви, Киркови, Костови, Настеви, Анѓушеви, Левкови, Шекеринови, Лукарови и др.

Тутунот, како еден од доминантните земјоделски култури, овозможил услови за негово производство, а железницата за негов транспорт. Така Велес станува главна пункт станица за откуп и чување на тутун. Монополот е формиран во 1919 година и е еден од најголемите во Македонија.

За потребите на индустријата на Велес му станала неопходна електрификација. Првата електрична централа била со капацитет од 70.000 к.в.ч.

Трговијата и во овој период продолжила со својот развој. Во Велес имало 30 велетрговци што снабдувале со стока 3840 трговски дуќани во Велес и велешко. Во ова време се отворени и првите банки: Велешка банка и Јужна банка, основани од приватни акционери.

Паралелно со економскиот, Велес меѓу војните го живеел и својот општествен и политички живот. Октомвриската револуција и движењето во Европа за ослободување на малите народи во Велес, кај интелигенцијата и прогресивните сили, створиле можност за создавање Социјалистичка работничка партија. Основачкото собрание е одржано во кафеаната “Солун” на 24 април 1919 година, за претседател е избран учителот Коста Минциќ од Башино Село. Организацијата броела 40-тина комунисти и социјалисти меѓу кои и Панко Брашнаров - народниот учител.

Една година подоцна, Социјалистичката работничка партија во Велес се проширила во селата и зајакнала кадровски. Од нејзините редови ќе произлезат имиња кои трајно ќе ја обележат велешката историја во периодот што следува. Преименувањето во КПЈ (Комунистичка партија на Југославија) е во истата 1920 година. Политичкиот живот го иницира синдикалното организирање во индустриските и државните претпријатија за заштита на правата на работниците. Најмасовен бил железничкиот синдикат кој во април 1919 година го организира Штрајкот на железничарите на кој му се придружило и населението во протестите против власта. По примерот на железничарите, монополските и другите индустриски работници формирале синдилани организации.


Вака организираниот општествено-политички живот овозможил во 1920 година, на општинските избори да победи Комунистичката партија, а Велес станал Црвена комуна. Комунистичката власт успеала да се одржи од август 1920 година до март 1921 година. Обзнаната значела крај на демократското владеење, но не ги поколебала револуционерно-социјалистичките елементи кои во ова време на апсења и прогони ја чинеле суштината на организацијата: реализирање на класните цели на работничката класа, победа на социјалистичкиот општествен поредок и добивања национални права и права на самоорганизирање. Идејата особено била широко прифатена од младите работници и ученици во гимназијата кои членувале во младинската комунистичка организација (СКОЈ). Најпрогресивни претставници на СКОЈ во Велес и негови организатори се: Тодор Шоптрајанов, Лазе Богданов и Ганчо Хаџи Панзов. Резултат на големата пропагандна активност на КП во Велес е издавањето на илегалниот весник “Искра” и печатењето на летоци за празнувањето на Празникот на трудот и учество на сите конгреси на партијата. На конгресот во 1926 година претставник од Велес е Панко Брашнаров. На засилената партиска активност и консолидирањето на партијата ВМРО (Обединета) и зајакнатата национална свест, властите одговориле со бројни политички убиства и апсења. Од година во година во партиските редови се појавувале нови имиња меѓу кои и името на Кочо Рацин, кој е претставник од Македонија на Конгресот на партијата во Дрезден 1928 година. И додека КП јакнела, ВМРО, поради внатрешни разидувања и надворешни влијанија го губела своето значење. Во 1925 година во Виена се одржала основачката конференција на ВМРО (Обединета) во чиј Централен комитет влегле Димитар Влахов, Панко Брашнаров, Ризо Ризов од Велес. Новата платформа ги привлекла лево ориентираните напредни македонски сили. По притисокот на режимот од 1928 година активноста на ВМРО (Обединета) постепено опаѓа, а нејзиното членство преминува во КП.

Шестојануарската диктатура (1929 година) ја разнишала партиската активност во Велес. Честите провали резултирале со бројни апсења и прогони. Дури во 1932 година се оформиле вистински месни комитети со нова генерација приврзаници - Страхил Гигов, Васил Ѓоргов, Јовче Патлиџанков, Бане Андреев - Ронката, Боте Чкорков, Орце Сребров, Тодор Џипунов и др. Велес станува “комунистичка тврдина во Македонија”. оД 1934 до 1937 година следат нови провали, нови апсења. После секоја провала, после секој терор МК на КП јакнел со нови имиња кои уште повеќе ја шират неговата активност. Се јавувале млади жени и девојки кои ја ширеле идејата за национално осознавање и меѓу женската популација. Годините пред II светска војна се период на широка мрежа на партиски активи низ градот и околината. Паралелно со партиската, јакнела и синдикалната организираност која се одвивала преку формирање на културно-уметнички секции, подружници и агитациони групи преку кои се организирале штрајкови и демонстрации, континуирано до 1941 година.


Борбата за нацинална слобода и рамноправност била изразена и преку движењето насловено како Македонски народен покрет (МАНАПО) за чие создавање и популаризација придонеле културно-просветните друштва на македонските студенти “Вардар” на Белградскиот и Загребскиот универзитет. Во нив членувале велешаните: Коста Урумов, Борис Рибаров, Борис Шукарев и др. Политичката платформа на МАНАПО се темели на будење на националната свест на македонскиот народ и афирмација на народниот јазик, борба против српската хегемонизација и против фашизмот.

Партиската организација од Велес, следејќи го принципот на солидарност и пролетерски интернационализам, се ангажирала за популаризација и помош на Граѓанската војна во Шпанија. Ганчо Хаџи Панзов загинал во борбата за одбрана на Мадрид во 1936 година. Алексо Демниевски - Бауман го обезбедувал Главниот штаб на интернационалните бригади, Трајко Мишковски и Киро Ќамилов се приклучиле на Републиканската армија.

Во овие години почнува активно да делува женското движење во Велес. Во 1937 година прв пат се оргнизира прослава на 8-ми март, Меѓународниот ден на жената. Првите активности се поврзани со имињата на Маца Карбева, Вера Андова, Нада Бутникошарова и Румена Хаџи Панзова. Тие се активно вклучени во сите демонстрации, штрајкови и хуманитарни акции.

Кон крајот на 1939/1940 година, велешката организација на КП претставувала основен политички фактор, ја обединувала работничката и училишната младина, се увежбувале воените вештини, се учела македонската историја, се јакнело чувството за национална слобода и независност. Најмасовната акција организирана од КП се демонстрациите на 27 март 1941 година насочени против Тројниот пакт на предавничката југословенска влада. На демонстрациите учествувале 50% од граѓаните на Велес.



Во целиот овој меѓу воен период општествено-политичките прилики ги одбележува прогресот на гимназиската младина, нивното организирано спортско и културно делување, како и народното просветување преку анафалбетските курсеви за возрасни. Тука се и работничките спортски друштва и музички и театарски групи. Навлегувањето на писменоста на голема врата ја предизвикува и првата книжарница на Лазо Смилев, а потоа и книжарниците на Ѓошо Крајничанец, браќата Левкови и Димко Урумов. Во нив доаѓа и легалниот печат, а илегалниот, многу баран и прогресивен доаѓал по тајни, партиски канали.

Театарските почетоци поставени од Ј.Х.К.Џинот се развивале. Следбениците учители бил актери и режисери. Изборот на поставуваните сценски дела е навистина предизвикувачки: Гогољ, Иго, Жинзифов. Во дваесетиот век веќе се поставувани Горки, Ибзен, Толстој. Театарската уметност е врзана за имињата на Бано Ќурчиев, Димко Крепиев, Ленче Пројчева, Панко Брашнаров, Павлина Хаџи Панзова, Христо Зарезанков, Марија Коробарова и многу други. Во ова време ќе се издвојат имињата на Петре Прличко, Тодорче Николовски, Наќе Милошев и Ангел Салџиев кои ќе го напуштат градот и ќе го одберат актерството како професија.

Меѓу војните, театарските гурпи во спортско-музичките друштва, го држат континуитетот на сценската уметност преку делата на Крлежа, Нушиќ, Чехов, Гогољ. Актерската екипа се идентификува со политичката комунистичка ориентација Кочо Рацин, Славко Славков, Сокол Танев, Трајко Капчев, Јордан Леов и многу други. За сцена биле користени хотелите и рестораните “Белград” и “Загреб” и кафеаната “Балкан” на Мегдан.


И музичкиот живот во Македонија ја означува активноста на велешките дејци. Од Џинот кој сериозно работел на музичкото образование, преку Тодор Мартулков, Милан Ризов и Пандорка Рушкова се организирал музичкиот живот во Велес. Во Илинденскиот период Велес ќе ја даде оперската певица Султана Абрашева и познатите музичари и диригенти Ристо Елезов, Михаил Узунков, Крум Чушков. Тодор Ицов е забележан како голем виртуоз на жичани инструменти. За потребите на друштвото “Велешки јунак” од Лајпцих се донесени 24 дувачки инструменти. “Клуб на музиката” била куќата на Давчо Богданов. Прв диригент бил Кочо Матов Апостолов - Чаушот.

Во меѓу воениот периот, особено како форма зад која се развивал политичкиот живот е и музиката. Се изведувале дела на Брамс, Шуберт, Шуман и др. современи композитори. Овој период е во знакот на Стефан Гајдов, Живко Фирфов, Ѓорѓи Минов и други не помалку значајни музички дејци.

Сликата за културните вредности и форми низ кои таа го доживувала своето развивање ја дополнува уште една, нова техничка појава - фотографијата и филмот. Првите филмски проекции се изведени во кафеаната на Тајко Иванов на Којник во 1908 година, во организација на Арсо Петров кој во Германија го научил кинооператорскиот занает. Подоцна, во кафеаната која за време на Првата светска војна била “Биоскоп казино” која од офицерски дом, во летото 1923 година го ангажирала Трајко Ѕиков да врши кино-проекции на неми филмови со пијано придружба. Денес тоа е зградата на велешкиот театар. Подоцна, во 1932 година ова кино го добива името “Вардар” за да се разликува од новоотвореното кино во хотелот “Белград” од десната страна на градот. И фотографијата, само 16 години од нејзиното официјално откритие го освоила Велес. Покрај нејзиниот прв фотограф, зографот Хаџи Косте, во Велес традицијата на фотографскиот занает ја вовеле Димче Гочев - Бицкин и Дамаскин Манушев.

Најсилен културен подем од сите уметности доживува литературата. Неа во 20 век ја обележуваат имињата на Кочо Рацин, Коле Неделковски, Васил Ѓоргов, Никола Кирков, Константин Ванов, Петар Пановски, Панче Сираков, Кирил Ќамилов и др.

Покрај автори, Велес дали и двигатели на културата кои давале поддршка, го организирале културниот и книжевниот живот и заслужиле градот да ги памети нивните имиња. Тоа се Милан Војницалиев, Илија Кушев, Весела Тимчева, Ганчо Хаџи Панзов.