пред и I с.в.
Балканските војни и I светска војна
Страница 2 од 6
Во градот, во меѓувоениот период постоеле 8 индустриски претпријатија главно од лесната преработувачка индустрија, мелници за брашно, фабрики за масло за јадење, за керамички цевки и плочки, со низок капитал и примитивна технологија. Фабриките биле сопственост на видни велешани, со личен и здружен капитал како Органџиеви, Киркови, Костови, Настеви, Анѓушеви, Левкови, Шекеринови, Лукарови и др.
Тутунот, како еден од доминантните земјоделски култури, овозможил услови за негово производство, а железницата за негов транспорт. Така Велес станува главна пункт станица за откуп и чување на тутун. Монополот е формиран во 1919 година и е еден од најголемите во Македонија.
За потребите на индустријата на Велес му станала неопходна електрификација. Првата електрична централа била со капацитет од 70.000 к.в.ч.
Трговијата и во овој период продолжила со својот развој. Во Велес имало 30 велетрговци што снабдувале со стока 3840 трговски дуќани во Велес и велешко. Во ова време се отворени и првите банки: Велешка банка и Јужна банка, основани од приватни акционери.
Паралелно со економскиот, Велес меѓу војните го живеел и својот општествен и политички живот. Октомвриската револуција и движењето во Европа за ослободување на малите народи во Велес, кај интелигенцијата и прогресивните сили, створиле можност за создавање Социјалистичка работничка партија. Основачкото собрание е одржано во кафеаната “Солун” на 24 април 1919 година, за претседател е избран учителот Коста Минциќ од Башино Село. Организацијата броела 40-тина комунисти и социјалисти меѓу кои и Панко Брашнаров - народниот учител.
Една година подоцна, Социјалистичката работничка партија во Велес се проширила во селата и зајакнала кадровски. Од нејзините редови ќе произлезат имиња кои трајно ќе ја обележат велешката историја во периодот што следува. Преименувањето во КПЈ (Комунистичка партија на Југославија) е во истата 1920 година. Политичкиот живот го иницира синдикалното организирање во индустриските и државните претпријатија за заштита на правата на работниците. Најмасовен бил железничкиот синдикат кој во април 1919 година го организира Штрајкот на железничарите на кој му се придружило и населението во протестите против власта. По примерот на железничарите, монополските и другите индустриски работници формирале синдилани организации.