пред и I с.в.

Балканските војни и I светска војна


Вака организираниот општествено-политички живот овозможил во 1920 година, на општинските избори да победи Комунистичката партија, а Велес станал Црвена комуна. Комунистичката власт успеала да се одржи од август 1920 година до март 1921 година. Обзнаната значела крај на демократското владеење, но не ги поколебала револуционерно-социјалистичките елементи кои во ова време на апсења и прогони ја чинеле суштината на организацијата: реализирање на класните цели на работничката класа, победа на социјалистичкиот општествен поредок и добивања национални права и права на самоорганизирање. Идејата особено била широко прифатена од младите работници и ученици во гимназијата кои членувале во младинската комунистичка организација (СКОЈ). Најпрогресивни претставници на СКОЈ во Велес и негови организатори се: Тодор Шоптрајанов, Лазе Богданов и Ганчо Хаџи Панзов. Резултат на големата пропагандна активност на КП во Велес е издавањето на илегалниот весник “Искра” и печатењето на летоци за празнувањето на Празникот на трудот и учество на сите конгреси на партијата. На конгресот во 1926 година претставник од Велес е Панко Брашнаров. На засилената партиска активност и консолидирањето на партијата ВМРО (Обединета) и зајакнатата национална свест, властите одговориле со бројни политички убиства и апсења. Од година во година во партиските редови се појавувале нови имиња меѓу кои и името на Кочо Рацин, кој е претставник од Македонија на Конгресот на партијата во Дрезден 1928 година. И додека КП јакнела, ВМРО, поради внатрешни разидувања и надворешни влијанија го губела своето значење. Во 1925 година во Виена се одржала основачката конференција на ВМРО (Обединета) во чиј Централен комитет влегле Димитар Влахов, Панко Брашнаров, Ризо Ризов од Велес. Новата платформа ги привлекла лево ориентираните напредни македонски сили. По притисокот на режимот од 1928 година активноста на ВМРО (Обединета) постепено опаѓа, а нејзиното членство преминува во КП.

Шестојануарската диктатура (1929 година) ја разнишала партиската активност во Велес. Честите провали резултирале со бројни апсења и прогони. Дури во 1932 година се оформиле вистински месни комитети со нова генерација приврзаници - Страхил Гигов, Васил Ѓоргов, Јовче Патлиџанков, Бане Андреев - Ронката, Боте Чкорков, Орце Сребров, Тодор Џипунов и др. Велес станува “комунистичка тврдина во Македонија”. оД 1934 до 1937 година следат нови провали, нови апсења. После секоја провала, после секој терор МК на КП јакнел со нови имиња кои уште повеќе ја шират неговата активност. Се јавувале млади жени и девојки кои ја ширеле идејата за национално осознавање и меѓу женската популација. Годините пред II светска војна се период на широка мрежа на партиски активи низ градот и околината. Паралелно со партиската, јакнела и синдикалната организираност која се одвивала преку формирање на културно-уметнички секции, подружници и агитациони групи преку кои се организирале штрајкови и демонстрации, континуирано до 1941 година.