пред и I с.в.
Балканските војни и I светска војна
Страница 4 од 6
Борбата за нацинална слобода и рамноправност била изразена и преку движењето насловено како Македонски народен покрет (МАНАПО) за чие создавање и популаризација придонеле културно-просветните друштва на македонските студенти “Вардар” на Белградскиот и Загребскиот универзитет. Во нив членувале велешаните: Коста Урумов, Борис Рибаров, Борис Шукарев и др. Политичката платформа на МАНАПО се темели на будење на националната свест на македонскиот народ и афирмација на народниот јазик, борба против српската хегемонизација и против фашизмот.
Партиската организација од Велес, следејќи го принципот на солидарност и пролетерски интернационализам, се ангажирала за популаризација и помош на Граѓанската војна во Шпанија. Ганчо Хаџи Панзов загинал во борбата за одбрана на Мадрид во 1936 година. Алексо Демниевски - Бауман го обезбедувал Главниот штаб на интернационалните бригади, Трајко Мишковски и Киро Ќамилов се приклучиле на Републиканската армија.
Во овие години почнува активно да делува женското движење во Велес. Во 1937 година прв пат се оргнизира прослава на 8-ми март, Меѓународниот ден на жената. Првите активности се поврзани со имињата на Маца Карбева, Вера Андова, Нада Бутникошарова и Румена Хаџи Панзова. Тие се активно вклучени во сите демонстрации, штрајкови и хуманитарни акции.
Кон крајот на 1939/1940 година, велешката организација на КП претставувала основен политички фактор, ја обединувала работничката и училишната младина, се увежбувале воените вештини, се учела македонската историја, се јакнело чувството за национална слобода и независност. Најмасовната акција организирана од КП се демонстрациите на 27 март 1941 година насочени против Тројниот пакт на предавничката југословенска влада. На демонстрациите учествувале 50% од граѓаните на Велес.