преродба

Национална преродба

градски саатРеформите во турскиот државно-правен, политички, економски, верско-просветен и војнички систем од 1839 година популарно наречени “Гилхански хатишериф” или “Акт на справедливост и благодејанија”, поволно се одразиле врз граѓанството на Велес. Според овој акт се воведувала еднаквост меѓу муслиманското и христијанското население, се зголемувале гаранциите и неприкосновеноста на личноста, честа и имотот, еднаквоста пред судот и законот. Тоа овозможувало отворање на училишта на македонски јазик, изградба и реконструкција на цркви и манастири и слободна трговија и производство.

Овој акт го забрзал стопанскиот подем на Велес, но особено створил услови за црковно-просветно и културно делување.

Иако во Велес словенската писменост и кирилската традиција никогаш не биле прекинати (како во ниеден град во Македонија во Велес и околината биле сочувани бројни книги и ракописи со кирилско писмо повеќе од 400 години), во почетокот на XIX век (1800-1818 година) се забележува учителска дејност на велешаницот Давче Ангелов Станин, со големо присуство на црковно-словенскиот јазик. Тој како и Петруш Михов пишувал книги потребни за богослужба.

Уште на крајот на XVIII век во Велес егзистираат две црковно-епископски општини на двете страни на градот: источна - Прцоречка и западна - Оризарска, чии корени лежат во ќелијните приватни училишта, во просториите на црквите или во побогатите куќи. Спомнатиот Давче Станин и Даскал Митре работеле во метохот Св.Ѓорѓија во источната, а Даскал Вано во западната црковна општина. Бидејќи нивната просветно-културна дејност била второстепена, среде граѓанството се појавила потреба од основање училишна општина. За таа цел во 1820 година во Велес се вовело бесплатно школување на сиромашните деца, се организирала работата на училиштата и се извршила селекција на училишниот персонал. Училиштето на источниот дел од градот станало општинско т.е. бесплатно. Во првото “училишно настојателство” учествувале четворица училишни настојници: Димо Палашев, Давче Пулков, Кимо Лапев и Ангелко Палашев.


Ангелко Палашев, најмладиот настојник, бил ангажиран да прибира книги и да основа библиотека во училиштето. Со тоа во 1832 година се ставени темелите на првата библиотека во Велес и воопшто во Македонија.

Во 1840 година и во западната црковно-училишна општина се вовела бесплатна настава. Во истиот период во Башино Село, во приватна селска куќа е отворено училиште кое го посетувале 80 ученика.

Јордан Хаџи Константинов - Џинот Во 1837 година во источното училиште учителствува Јордан Хаџи Константинов - Џинот кој го отворил (1840) првото световно училиште во Велес и Македонија во кое наставата се изведувала на народен јазик. Учениците ги поделил во три класа. Во третиот клас, на највозрасните ученици им предавал: граматика, географија, светска историја со генеологија, физика, стематографија, картографија, космографија, митологија, аритметика, филозофија и биографија на знаменити луѓе. Во училиштето на Џинот постоел и женски оддел, што е прв пример на школување на женските деца, по кој пример тргнало и башиноселското училиште. Двете женски училишта биле управувани од Тодор Мискинов.

Во овој период Велес го погодиле повеќе несреќи.

Во 1831 и повторно во 1840 година го зафатила заразната болест колера (чума), во 1833 година го зафатиле незапамтени студови, во 1835 година замрзнала реката Вардар, а во 1847 година му се случиле незапамтени поплави. И покрај се првата половина на XIX век е најзначајна за неговиот подем. Во ова време отпочнува обновување и изградба на многу цркви и манастири во Велес и велешко.

црква Св.Спас Најзначаен црковен храм од ова време е изградбата на црквата посветена на Светото Христово вознесение “Св.Спас”. Таа се наоѓа на источниот дел од градот на висорамнина над р.Вардар, во месноста Рамина. Црквата е изградена на место на кое постоела црквичка уште пред доаѓањето на Турците. Во 1837 година влијателниот велешанец Хаџи Оце добил дозвола од Султанот за непречена изградба на црквата. За втор ктитор и иницијатор за нејзина изградба се споменува велешанецот Хаџи Мијо.

црква Св.Пантелјмон На спротивната, западната страна на Велес, во полите на Вршник е сместен импонзатниот храм “Св.Пентелејмон”. Изграден е во периодот од 1816 до 1840 година со средства на богатите велешани од западниот дел на Велес Хаџи Јанко Кушев, Давче Богданов, Хаџи Ѓорѓи Дрндар и др. Црквата е осветена на 9 август 1840 година. Камбанаријата е изградена подоцна, во 1904/05 година. Зографските, копаничарските и ѕидарските работи во црквата се дело на семејствата Рензовци - Дамјанови - Зографски од с.Папрадиште предводени од мајсторот Андреја Дамјанов. На јужинот влез во црквата е запишано “мајстор Андреја што прави црквата”, а во гробиштата на црквата е сочуван и неговиот гроб.


манастир Св.Димитрија Манастирот Св.Димитрија е сместен на излезот од градот, јужно, во стариот град и датира од 1855 година. Изграден е врз темелите на затрупаниот манастир кого го пронашол и обновил велешаницот Петар Здравев. Живописот и зографските мајстории се на велешаницот Хаџи Косте (Костадин) Крстев кој занаетот го учел кај познатото копаничарско - зографско семејство Зографски. Натписот што го оставил на јужната страна на сводот од манастирот “Сеј обител обновисја во 1855 изобрази Х.Косте Зуграф и фотограф”, упатува на податокот дека токму тој го донел првиот фотографски апарат во Велес и пошироко во Македонија.

Во XIX век, во Велес, покрај црквите биле изградени и едно општинско сиропиталиште за сместување на бедни и стари граѓани, митрополија, градскиот часовник - Саат кулата, судот, општината, повеќе џамии, амами, теќиња и др.

Во околината на Велес изградени се повеќе мали црквички во близина на манастирот и 50 пештерски црквички во месноста Пешти јужно од манастирот, а во Башино Село во 1838 година е изградена црквата “Св.Никола”.

Турските припадници на богатиот велешки слој биле малку писмени: се оддавале на разврат и безделничење, додека богатите Македонци биле според Џинот “ученољубиви и родољубиви”.

Патријархалниот живот и исклучителната религиозност им наметнувале негување на бројни обичаи и традиции. Економски моќните занаетчии и трговци граделе европски, модерни куќи и ја следеле европската мода во облекување и однесување. Тие ја вовеле традицијата на заминување на одмор и лекување во угледни манастири и бањи. Најмоќните оделе на аџилак на Света Гора и во Ерусалим и се враќале со титулата аџии (пр. Хаџи Константинов) што се вградувала во нивното презиме.

На дејноста на поединци кои го обележале овој период и оставиле траен белег во велешкото книжевно, ликовно и архитектонско наследство ќе и обрнеме внимание во ова издание.


стара велешка куќа XIX век оставил свој белег и во архитектурата на градот. Тогаш е формиран специфичниот карактер на велешката архитектура во општиот македонски архитектонски израз. Таа добива на квалитет во изразување на архитектонските принципи и закономерноста како симетријата, хармонијата на градителскиот израз, примена на естетски форми со висок квалитет, функционалност, максимална просторна искористеност и контрасни композиции. Сите квалитети на архитектонското изразување се форсирани врз база на долгогодишното градителско искуство. Градот се формира на неправилен размер, а улиците ја следат конфигурацијата на теренот. Сликата на градското јадро има видливи регионални и архитектонски модификации. Велешката куќа е објект во висина, има чардак кон надворешниот простор, кон сокакот и тесните улички, а внатрешноста се вклопува во вообичаената концепција на еден балкански град. Неправилниот облик на дворните места дава разновидност на градителската концепција, единствена амбиентална форма на сликата на градот.


Зголемувањето на економската моќ на поединци условува во Велес да се формира специфичен облик на градска куќа. Вредностите на велешката куќа во голема мера ги дава фасадната обработка, конструктивниот систем на прозорските отвори и надворешната композициска слика. Внатрешноста исто така ја карактеризирале специфичности. Тоа се обработката на вратите, мусандрите, долапите, таваните, оградите на скалите и подвижниот мебел. Најприсутен материјал е дрвото.

Image Свој белег на ова време во Велес остава грнчарството. Иако во континуитет е присутно од најрани времиња во XIX век го има највисокиот дострел. Во 1886 година во Велес се евидентирани 20 грнчарски работилници. Забележан е успехот и мајсторството на цели семејства грнчари како Менкаџиеви, Ракиџиеви, Свалканови, Левкови. Класичната преработка на глината почнала да се осовременува и освен традиционалната црвена керамика, да се појави нов, револуционерен производ - т.н. Фина керамика или керамичка галантерија.

Велешките грнчари имале свои плацеви од каде се снабдувале со глина. Асортиманот на производи на грнчарите биле обично садови за домаќинство: грниња, тенџериња, тави, вагани, врчви, стомни, ибрици, како и земјени садови за печење ракија.

Во почетокот на XX век век, во фабриката за керамика на Левкови се модернизира производството и се отпочнува со изработка на украсни предмети за домаќинството и фасадна керамика.

Колективната грижа за здравјето на велешани започнува со делувањето на Општинското сиропиталиште (познато како чпиталиња). Тука на општинска сметка биле сместени слепите, ментално заболените, вонбрачните деца и сите незгрижени стари и болни велешани. Најстар велешки лекар е Атанас Георгиев.

Големата експанзија што ја доживува Велес во XIX век, развиената трговија пред се барала подобрување на комуникациските врски и транспортот на луѓе и стоки. Оваа интенција на велешките занаетчиско-трговски куќи дошла до израз за време на Кримската војна. Во ова време (средина на XIX век) реката Вардар била оспособена за транспорт до Солун. Со сплавови со носивост од 5-6.000 кгр. управувани од двајца возачи стоката се носела до Солун. Таму сплавовите се растурале и граѓата се продавала. Во ова време се спуштале до 10.000 сплавови од Велес за Солун. Во Велес било изградено 31 скеле за товарање на сплавовите. Усовршувањето на водениот транспорт довело до основање на специјално друштво во кое членувале браќата Урумови од Велес и Алтани од Солун, со задача да го чистат коритото на Вардар на определени места за непречена пловидба.


стара железничка станица во Велес Но железничката пруга Велес - Солун, пуштена во употреба 1873 година ја прекинала оваа иницијатива. Во овие години воспоставена е и телефонска мрежа во Велес.

Иако сеуште се употребувал караван - сообраќајот, водената делница и сувоземните патишта, најкористен бил железничкиот превоз.

Изградбата на железничката линија предизвикала промени за Велес и околината. Така, во градот се изградила железничка станица, магацини, хотели, се поправале друмските патишта (џадиња) по кои доаѓале и заминувале патниците од возовите ширум Македонија. На десната страна на Велес никнувала нова, модерна населба.

Железницата донела во Велес нови индустриски производи. Стоките на велешките занаетчии ја изгубиле привлечноста. Странските компании го потиснале домашното производство. Од изградбата на железницата во Македонија најголема штета претрпел Велес. Занаетчиите ги затворале дуќаните и заминувале на печалба во странство. Еснафот ги губел своите позиции. Почнале да изумираат занаетите. Следниот силен пад на занаетчиството во Велес е во периодот од 1901 - 1904 година кога во него егзистираат 4 грнчарски, 3 папучарски, 3 ќурчиски, 1 мутавџиски занает, сведени на работилници. Производството е примитивно, рачно, со низок капацитет. Ова производство неможело да донесе печалба. Во иста или слична состојба се наоѓало и селанството, неизвесно и незаштитено со многу давачки и разбојнички напади.

Стопанската криза што го зафатила Велес можела да ја преброди само покрупната буржуазија. Во 1890 година работеле 2 претпријатија за производство на масло за јадење што го усовршиле манифактурното работење: на П.Зиков и И.Крстев. Во 1908 година проработила фабриката за производство на брашно на П.Зиков. Во магацините за тутун работела женска работна рака, а од керамичко производство егзистирале 3 тулани и неколку фирми за грнчарско-керамички производи.