преродба
Национална преродба
Страница 2 од 5
Ангелко Палашев, најмладиот настојник, бил ангажиран да прибира книги и да основа библиотека во училиштето. Со тоа во 1832 година се ставени темелите на првата библиотека во Велес и воопшто во Македонија.
Во 1840 година и во западната црковно-училишна општина се вовела бесплатна настава. Во истиот период во Башино Село, во приватна селска куќа е отворено училиште кое го посетувале 80 ученика.
Во 1837 година во источното училиште учителствува Јордан Хаџи Константинов - Џинот кој го отворил (1840) првото световно училиште во Велес и Македонија во кое наставата се изведувала на народен јазик. Учениците ги поделил во три класа. Во третиот клас, на највозрасните ученици им предавал: граматика, географија, светска историја со генеологија, физика, стематографија, картографија, космографија, митологија, аритметика, филозофија и биографија на знаменити луѓе. Во училиштето на Џинот постоел и женски оддел, што е прв пример на школување на женските деца, по кој пример тргнало и башиноселското училиште. Двете женски училишта биле управувани од Тодор Мискинов.
Во овој период Велес го погодиле повеќе несреќи.
Во 1831 и повторно во 1840 година го зафатила заразната болест колера (чума), во 1833 година го зафатиле незапамтени студови, во 1835 година замрзнала реката Вардар, а во 1847 година му се случиле незапамтени поплави. И покрај се првата половина на XIX век е најзначајна за неговиот подем. Во ова време отпочнува обновување и изградба на многу цркви и манастири во Велес и велешко.
Најзначаен црковен храм од ова време е изградбата на црквата посветена на Светото Христово вознесение “Св.Спас”. Таа се наоѓа на источниот дел од градот на висорамнина над р.Вардар, во месноста Рамина. Црквата е изградена на место на кое постоела црквичка уште пред доаѓањето на Турците. Во 1837 година влијателниот велешанец Хаџи Оце добил дозвола од Султанот за непречена изградба на црквата. За втор ктитор и иницијатор за нејзина изградба се споменува велешанецот Хаџи Мијо.
На спротивната, западната страна на Велес, во полите на Вршник е сместен импонзатниот храм “Св.Пентелејмон”. Изграден е во периодот од 1816 до 1840 година со средства на богатите велешани од западниот дел на Велес Хаџи Јанко Кушев, Давче Богданов, Хаџи Ѓорѓи Дрндар и др. Црквата е осветена на 9 август 1840 година. Камбанаријата е изградена подоцна, во 1904/05 година. Зографските, копаничарските и ѕидарските работи во црквата се дело на семејствата Рензовци - Дамјанови - Зографски од с.Папрадиште предводени од мајсторот Андреја Дамјанов. На јужинот влез во црквата е запишано “мајстор Андреја што прави црквата”, а во гробиштата на црквата е сочуван и неговиот гроб.