преродба

Национална преродба


манастир Св.Димитрија Манастирот Св.Димитрија е сместен на излезот од градот, јужно, во стариот град и датира од 1855 година. Изграден е врз темелите на затрупаниот манастир кого го пронашол и обновил велешаницот Петар Здравев. Живописот и зографските мајстории се на велешаницот Хаџи Косте (Костадин) Крстев кој занаетот го учел кај познатото копаничарско - зографско семејство Зографски. Натписот што го оставил на јужната страна на сводот од манастирот “Сеј обител обновисја во 1855 изобрази Х.Косте Зуграф и фотограф”, упатува на податокот дека токму тој го донел првиот фотографски апарат во Велес и пошироко во Македонија.

Во XIX век, во Велес, покрај црквите биле изградени и едно општинско сиропиталиште за сместување на бедни и стари граѓани, митрополија, градскиот часовник - Саат кулата, судот, општината, повеќе џамии, амами, теќиња и др.

Во околината на Велес изградени се повеќе мали црквички во близина на манастирот и 50 пештерски црквички во месноста Пешти јужно од манастирот, а во Башино Село во 1838 година е изградена црквата “Св.Никола”.

Турските припадници на богатиот велешки слој биле малку писмени: се оддавале на разврат и безделничење, додека богатите Македонци биле според Џинот “ученољубиви и родољубиви”.

Патријархалниот живот и исклучителната религиозност им наметнувале негување на бројни обичаи и традиции. Економски моќните занаетчии и трговци граделе европски, модерни куќи и ја следеле европската мода во облекување и однесување. Тие ја вовеле традицијата на заминување на одмор и лекување во угледни манастири и бањи. Најмоќните оделе на аџилак на Света Гора и во Ерусалим и се враќале со титулата аџии (пр. Хаџи Константинов) што се вградувала во нивното презиме.

На дејноста на поединци кои го обележале овој период и оставиле траен белег во велешкото книжевно, ликовно и архитектонско наследство ќе и обрнеме внимание во ова издание.


стара велешка куќа XIX век оставил свој белег и во архитектурата на градот. Тогаш е формиран специфичниот карактер на велешката архитектура во општиот македонски архитектонски израз. Таа добива на квалитет во изразување на архитектонските принципи и закономерноста како симетријата, хармонијата на градителскиот израз, примена на естетски форми со висок квалитет, функционалност, максимална просторна искористеност и контрасни композиции. Сите квалитети на архитектонското изразување се форсирани врз база на долгогодишното градителско искуство. Градот се формира на неправилен размер, а улиците ја следат конфигурацијата на теренот. Сликата на градското јадро има видливи регионални и архитектонски модификации. Велешката куќа е објект во висина, има чардак кон надворешниот простор, кон сокакот и тесните улички, а внатрешноста се вклопува во вообичаената концепција на еден балкански град. Неправилниот облик на дворните места дава разновидност на градителската концепција, единствена амбиентална форма на сликата на градот.