преродба
Национална преродба
Страница 4 од 5
Зголемувањето на економската моќ на поединци условува во Велес да се формира специфичен облик на градска куќа. Вредностите на велешката куќа во голема мера ги дава фасадната обработка, конструктивниот систем на прозорските отвори и надворешната композициска слика. Внатрешноста исто така ја карактеризирале специфичности. Тоа се обработката на вратите, мусандрите, долапите, таваните, оградите на скалите и подвижниот мебел. Најприсутен материјал е дрвото.
Свој белег на ова време во Велес остава грнчарството. Иако во континуитет е присутно од најрани времиња во XIX век го има највисокиот дострел. Во 1886 година во Велес се евидентирани 20 грнчарски работилници. Забележан е успехот и мајсторството на цели семејства грнчари како Менкаџиеви, Ракиџиеви, Свалканови, Левкови. Класичната преработка на глината почнала да се осовременува и освен традиционалната црвена керамика, да се појави нов, револуционерен производ - т.н. Фина керамика или керамичка галантерија.
Велешките грнчари имале свои плацеви од каде се снабдувале со глина. Асортиманот на производи на грнчарите биле обично садови за домаќинство: грниња, тенџериња, тави, вагани, врчви, стомни, ибрици, како и земјени садови за печење ракија.
Во почетокот на XX век век, во фабриката за керамика на Левкови се модернизира производството и се отпочнува со изработка на украсни предмети за домаќинството и фасадна керамика.
Колективната грижа за здравјето на велешани започнува со делувањето на Општинското сиропиталиште (познато како чпиталиња). Тука на општинска сметка биле сместени слепите, ментално заболените, вонбрачните деца и сите незгрижени стари и болни велешани. Најстар велешки лекар е Атанас Георгиев.
Големата експанзија што ја доживува Велес во XIX век, развиената трговија пред се барала подобрување на комуникациските врски и транспортот на луѓе и стоки. Оваа интенција на велешките занаетчиско-трговски куќи дошла до израз за време на Кримската војна. Во ова време (средина на XIX век) реката Вардар била оспособена за транспорт до Солун. Со сплавови со носивост од 5-6.000 кгр. управувани од двајца возачи стоката се носела до Солун. Таму сплавовите се растурале и граѓата се продавала. Во ова време се спуштале до 10.000 сплавови од Велес за Солун. Во Велес било изградено 31 скеле за товарање на сплавовите. Усовршувањето на водениот транспорт довело до основање на специјално друштво во кое членувале браќата Урумови од Велес и Алтани од Солун, со задача да го чистат коритото на Вардар на определени места за непречена пловидба.