живот

Општествено - политички живот

Општествено-политичкиот живот во Велес секогаш предначел во организацијата и делувањето пред другите градови во Македонија. Така, сред турското владеење, по 10 годишна дипломатска упорност во 1869 година, велешани издејствувале во Велес да службува владика Македонец наместо дотогашните грчки црковни великодостојници.

Во ова време низ македонската територија лудувале албански банди под заштита на турската локална власт. Се по неподносливиот живот на месното население предизвикал организиран оружен отпор изразен преку ајдутството. Во 60-тите години на XIX век дури 60 ајдучки дружини дејствувале во велешкиот регион. Општите состојби во османлиското царство на македонска територија, Разловачкото, Пајонечкото, Кривопаланечко-Кумановското, Кресненското востание, Брсјачката буна и други востанички, заговорнички и револуционерни настани, како и се по присутното руско влијание ја буделе националната свест во велешко и желбата за слободна, независна држава, па овие ајдучки чети си ја поставиле пред себе оваа возвишена цел - ослободување на Македонија. Нивниот отпор добивал идеја, станувале омилени во населението и помагани од него, а тоа пак се чувствувало заштитено со нивното присуство. Почнале да се иницираат заговорнички акции и револуционерни кружоци. Организатор на кружокот во Велес е Ј.Х.К.Џинот. Револуционерниот кружок во Велес во 1871 година делувал во куќата на Ѓорѓи Копанчев. Во Велес се чувствувала пред востаничка клима. Членовите на кружокот, воглавно учители важеле за бунтовни патриоти кои го внеле револуционерниот дух во велешката младина.Најзабележително е нивното учество во Кресненското востание (1878/79г.).

По задушувањето на востанието, дел од востаничките јадра преминале на велешка територија и тука делувале (четите на Иљо војвода и Костадин Буфски).

Во овој период образовното ниво на велешани добивало нови димензии. Доаѓале факултетски образовани интелектуалци кои го поставиле Првото класно (гимназиско) училиште во Велес и воопшто во Македонија. Тогаш е изградена и училишната зграда “Свети Кирил и Методиј” како реорганизирано училиште на западната велешка црковна општина. Малку потоа (1869/70 година) изградена е нова училишна зграда и на левата страна на Вардар наречена “Свети Ѓорѓи” како донација на велешанецот Димко Чолак. На 1 септември 1871 година основано е првото градско читалиште. Напоредно со машкото се развивало и женското образование. Со издигнување на самосвеста, велешани отпочнуваат и со празнување и обележување на значајни настани и личности од македонската историја. Најголемо било чествувањето на македонските светители Кирил и Методиј и Климент и Наум Охридски. Во нивна чест биле изработувани икони кои и денес се чуваат во велешките храмови.