живот

Општествено - политички живот

Многу малку е познато дека Велес е град од кој потекнува првата новинарска дописка т.е. дека во него за прв пат во Македонија се спомнува новинарството. Првата дописка, иако без наслов, е напишана во Велес и посветена на Велес, а отпечатена е во “Цариградски весник” бр.7 од 28 октомври 1850 година. Македонските “новинари” своите написи ги објавувале во весници со немакедонско јазично подрачје во Бугарија, Србија, Романија и Русија. Текстовите биле дотерувани за потребите на издавачот, но сепак тие се основните податоци за историјата на градот.

Имајќи ја предвид геостратешката положба на Македонија на Балканот, таа секогаш била мета на странските пропаганди кои преку влијание во интелигенцијата сакале да го освојат просторот. Велес не само што не бил изоставен, туку напротив пропагандите во него биле најизразени во Македонија.

До 1870 година најприсутна била српската пропаганда. Учениците и училишните помагала, па и дел од учителскиот кадар биле од српско потекло. По основањето на Бугарската егзархија преовладувало бугарското влијание. Токму влијанието на овие најизразени пропаганди, создавало големи пречки во нционалното осознавање. Дури во 1893 година група напредни македонски интелектуалци успеала да ги постави темелите на Тајната македонско-одринска организавија (ТМРО), меѓу кои и Петар Поп Арсов - професор, родум од пошироката велешка околија (Богомила), кој имал за задача да го изработи првиот Устав на Организацијата.

Навлегувањето на ТМРО во Велес се поврзува со големиот учителски персонал во градот и граѓаните Иван Богданов, Ризо Ризов, Иван Војницалиев и др. Внесувањето во организацијата го извршил лично Гоце Делчев во куќата на баба Анушка Коробарова. Мрежата потоа се шири и зајакнува.

Во овој период во Велес влегува социјалистичката мисла внесена и распространета од најголемиот социјалист на Балканот Васил Главинов.

Крајот на XIX век во Велес го носи влијанието на нихилистичките и анархиските идеи на руските анархисти. Тие се директната причина за најавата на т.н. Гемиџиски кружок, група револуционери кои сметале дека ослободувањето на Македонија може да се постигне единствено преку шумни дела, динамитни напади врз западно-европскиот капитал. По убедување индивидуалисти, не можеле да ги прифатат методите за масовна вооружена борба која ќе донесе невини жртви, несреќи и народни страдања. Името Гемиџии е симбол на нивната саможртва. Тие својот живот како гемија (чун) го пуштиле да плови во морето и да се разбие од карпите.

Друга претпоставка е алегоријата “гемии на суво” со што ја искажуваат положбата на својата земја. Гемиџиите се дванаесеттина момчиња на возраст од 18 до 22 години и неколку нивни помагачи кои не сакале да остават трага од себе. Иако не ги послушале советите своите акции да ги координираат со Илинденското востание, сепак, нивното патриотско херојско дело е голем мотив и негова помпезна најава.

Во истата 1903 година на Илинден е кренато најголемото, најорганизираното и најуспешното востание на Македонскиот народ за ослободување од Турското пет вековно владеење. Повеќе војводи од Велес земале активно учество во него. Со првиот крушевски одред раководел Андреј Димов-Докурчев од Велес. Седмиот одред го раководел војводата Тодор Христов - потпоручник од Велес. При одбраната на Крушево, особено при заземањето на градот, најголема заслуга има војводата Јован Наумов Алабакот, од с.Ораовец велешко.

Тешките последици од задушувањето на востанието и распаѓањето на Крушевксата Република се почуствувале и во организацијата во Велес. Јован Алабакот, охрабрен од востаничката слава, сакајќи да стане лидер на велешкиот кружок ја побарал помошта на Борис Сарафов. Сврстувајќи се во неговите приврзаници става дамка врз своето дотогашно беспрекорно револуционерно дело.

Во 1905 година за време на одржувањето на Рилскиот општ конгрес Организацијата од ТМРО е преименувана во ВМОРО.