до XIX век

Велес до средината на XIX век

Многу европски патеписци во почетокот на XIX век поминале низ Велес и оставиле значајни податоци за градот. Првиот руски конзул во Битола Михаил Александрович Хитрово, во еден свој дипломатски извештај од 1862 година соопштува дека во Велес живееле 20.000 жители, во целата велешка каза 72.000 жители. Но изгледа дека оваа бројка се однесува за градот со неговите оближни села затоа што Јордан Хаџи Константинов - Џинот истата година во својот напис во “Цариградски вестник” пишува: “Велес град содржава до 5.000 души христијани”.

луксузна куќа Националниот состав на жителите го сочинувале 2/3 христијани (Македонци и Власи) и 1/3 муслимани (турско исламизирано население). Во околината на Велес живеала и помала група Роми.

Социјалниот статус на населението бил хетероген. Покрај бедниот закрепостен елемент во селата и еднаково сиромашни граѓани во Велес егзистирал слој од богати трговци, занаетчии, зеленаши, банкари и сл. Тие имале специјален документ (ферман или берат) кој ја потврдувал нивната привелегирана положба. Статусот во градот го покажувале со носење капи - беретки, а комуницирале на турски или друг странски јазик. Тие (20-тина) имале специјална должност да се грижат за 120 м. долгиот и 4,5 м. широкиот мост на Вардар. Некои од овие семејства како Леовци, Лапевци, Талаковци, Џајковци, Тодоровци и Салџиевци сеуште постојат во Велес.

стара чаршија во Велес Во XIX век, велешката чаршија и пазарот се наоѓаат во источниот дел од градот. Чаршијата била направена од мали дрвени дуќанчиња во подножјето на Прцорек (Брзорек - поради брзото течение на Вардар на местото каде коритото се стеснувало, а водите се одбивале од грамадна карпа). Над него е месноста Речани, плодно пространство каде биле сместени бавчите и градините на велешани. По течението на Дервенскиот поток, до вливот во Вардар се наоѓал мал градски плоштад.



Во западниот дел од градот на височина од 150м. над реката, доминира специфична длабнатина од изгаснат вулкански кратер, кој велешани го викаат Вршник, а Турцирте Бузаана (ледница).

Којник, едно од најстарите маала во Велес

Во средината на XIX век Велес бил поделен на 12 маала, а Велешката каза ја сочинувале околу 100 села. Тешката феудална анархија и се поголемиот занаетчиски развој од XVIII век сега ги дополниле терзискиот, кираџискиот, бавчаванџискиот, калајџискиот, брашнарскиот, лебарскиот, аџискиот, воденичарскиот, папуџискиот, абаџискиот, бојаџискиот, самарџискиот, дулгерскиот, сарачкиот, ситничарскиот и др.занаети.

улица во Велес во периодот под османлиска власт Вака развиениот и разгранетиот занаетчиски производен систем ја издвоил трговијата како посебна гранка. Трговците ги снабдувале занаетчиите со суровини и ја продавале нивната стока ширум Балканот и Европа. Во развојот на трговијата пресудна била поволната географска положба на Велес и неговата добро разгранета патна мрежа. Така во XIX век Велес прераснал во еден од најзначајните трговско-стопански центри, жива раскрсница на Балканот. Трговците од безбедносни причини патувале во групи, формирале каравани од стотици товарни животни (коњи, маски и камили), во вооружена придружба за заштита од арамии. Трговските центри од тоа време имале анови каде престојувале караваните. Велешкиот ан бил надалеку познат, заштитен со дебели ѕидови и масивни порти. Велешките трговци најчесто тргувале во Белград, Земун, Сараево, Трст, Венеција, Милано, Виена, Лајпцих, Дрезден, Пешта, Будим, Одеса, Киев и др. метрополи каде основале свои претставништва. Заедно со купената стока во својот град внесувале и нови идеи, култура, навики.
Јанко Кушев, велешки трговец Економското зајакнување на граѓанството во Велес, Францускиот вице конзул Белег, во средината на XIX век го поделил на три категории: 30 трговци од прва класа, 20-тина од втора категорија и трета побројна категорија велешки поситни трговци.

Најпознати и најбогати трговски семејства од ова време се: Весови, Коробарови, Дрндарови, Шулеви, Урумови и Кушеви.