II с.в. и потоа

II светска војна и по неа


Првото борбено крштевање на партизанскиот одред “Димитар Влахов” е на 14 јуни 1942 година на падините на планината Лисец. Одредот успешно го одбил нападот на бугарската војска и продолжил организирана оружена борба со се поголеми војнички и политички успеси. Оружени групи се формирале на целата територија на велешката поширока околија и му се придружувале на одредот. Дејствувањето на одредот создало поголема полуслободна територија во велешко, добил доверба од населението и од ден на ден се поголемо омасовување.

Бугарската власт, за разбивање на оваа организирана вооружена формација ја организирала т.н. “Бабунска офанзива”. Неможејќи да му наштети на одредот, бугарската војска блокирала поголеми реони, открила и уапсила многу соработници на народноослободителното движење, го малтретирала месното население, ги палела имотите. На 14 септември 1942 година во месноста Пуста Кула ликвидирани се група активисти од с.Рудник. На 17 октомври 1942 година стрелани се 16 лица во Азот, на 25 октомври истата година убиени се на најсуров начин десетина селани од Долно Јаболчиште. Состојбата станала уште по драматична со експлодирањето на пеколната машина во куќата на Митреви во декември 1942 година. Тешката 1942 година завршила со апсењето на Мирче Ацев и Страшо Пинџур во куќата на Јован Митрев.

Во пролетта 1943 година бил формиран народно-ослободителен одбор кој меѓу населението го растурал Прогласот на КПЈ за Македонија со кој се повикува народот на масовно вклучување во редовите на организацијата. До почетокот на 1944 година Одборот својата работа ја насочил во градот, а подоцна и на целата територија на велешкиот округ. Најголемите и најуспешни борби се воделе тука во време на февруарскиот поход во 1944 година.