II с.в. и потоа

II светска војна и по неа


Веднаш по ослободувањето, народноослободителниот одбор презел активности за консолидирање на состојбите во градот. На првиот состанок, одржан истиот ден - 9-ти ноември донесена е одлука по итна постапка да се обнови Мало мовче, да се воспостават телефонските врски и да се пристапи кон расчистување на рушевините. Загинатите борци - ослободители на Велес, се погребани во посебна алеа на гробиштата на црквата “Св.Пантелејмон”.

Наскоро биле оспособени и започнале со работа првите училишта на македонски јазик. За прв претседател на Градскот народен одбор е избран Дончо Мирчевски. Велес отворил нова страница од својата историја.

1946 година е период на изградба на нови објекти во Велес, куќи наменети за згрижување на семејства со разрушени и опожарени домови, како и домови за бегалците од Егејска Македонија, оспособување на сообраќајниците. Веднаш се преземени мерки за заживување на индустриските објекти. Прва проработила фабриката за масло (25.12.1944 год.), потоа фабриките за керамиди “Македонија” и “Бон Марше”. Сопственичките односи се решавале преку експропријација, национализација, секвестрација и конфискација како форми регулирани, со закони и аграрна реформа.

Капиталот преминува во сопственост на федералната единица Македонија со бројни акти со кои е извршено подржавување на приватната сопственост. Донесувањето на првиот Петогодишен план (1947-1951 г.) е логична последица на политичко-економските мерки и означува нова фаза во развојот. Задоволството од неверојатно брзиот развој на градот, остварување на ветувањата на КП во поглед на еднаквоста, сопственоста, образованието, слободното национално изразување, се припишува на организацијата и водењето на партијата и војната на Јосип Броз Тито. Со закон за преименување на името на град Велес во Титов Велес, од 11 октомври 1946 година Велес, Вила Зора, Ќупрули одново го менува името. Титов Велес е се до моментот кога во Македонија (1996 год.) стапува во сила Законот за територијална поделба и од Општината Титов Велес произлегуваат пет нови општини: Велес, Богомила, Извор, Чашка и Градско.

Во овој период од 1946-1990 година, во Велес, како и со државата на која и припаѓа, раководи комунистичката партија. Монопартизмот во првите 30 години јакне, за потоа да отпочне неговото постепено слабеење. Во 1990 година, се реализирани првите повеќепартиски парламентарни избори.