II с.в. и потоа

II светска војна и по неа


Кон крајот на септрември 1941 година се формирале првите партизански чети за до пролетта 1942 година да се исфрли и велешкиот партизански одред “Димитар Влахов”.

Велешката партиска организација големо внимание му посветувала на обезбедувањето сигурен престој на илегалците, како и на печатењето на илегален, пропаганден материјал. Формирањето и јакнењето на тајните комитети по селата, придонесувало за координирање со населението, партизанските групи, обезбедување логистика на партизаните и заштита на населението.

Организираниот отпор на територијата на Велес најголеми размери добил во 1942 година, кога е организиран и Штрајкот на учениците од Велешката гимназија во знак на протест и незадоволство на националната бугарска асимилаторска политика на власта. Штрајкот е инициран од Одлуката на директорот на Гимназијата за исклучување на учениците за кои постоел сомнеж дека се членови на СКОЈ. На 14 март 1942 година учениците демостративно ги напуштиле училниците, а ним спонтано им се придружиле и другите ученици. Утредента Штрајкот од гимназискиот двор се префрлил на улиците на Велес. На учениците им се придружиле родителите и граѓани на Велес.

Како знак на револт на регрутацијата на велешаните во редовите на Бугарската војска, партиското раководство организирало протест на жените - мајки, сестри, сопруги. Преку 200 жени утрото на 11 мај 1942 година пред Општинската зграда извикувале пароли против Бугарската власт.

Најсложената, најконспиративна дејност во илегала е печатење на летоци и билтени. Неколку машини за пишување и преса за умножување се целата печатарска техника со која располагала илегалната печатница сместена во куќата на Нада Бутникошарева и во куќите на Димко Митрев и Јовче Чучук. Во работата на печатницата биле ангажирани членовите на овие семејства. Кочо Рацин пишувал статии за весникот “Народен билтен”, а му помагале Данчо Зографски, Јордан Тодоровски, Љубомир Босилков, Никола Кирков и др. Во 1942 година со изградба на скривница во куќата на Митреви се зголемила дејноста на илегалната печатница. Се умножувале брошури и летоци, се печателе списанијата “Пролетер” и “Искра”. Со печатен материјал се снабдувале партиските организации ширум Македонија. Со упадот во печатницата во декември 1942 година се разоткрила илегалната дејност на КП.