II с.в. и потоа

II светска војна и по неа


Одредот “Трајче Петкановски” се појавил во многу специфични услови на 23 април 1944 година во месноста Кадиица од борци од велешко и прилепско. Одредот во почетокот го сочинувале 26 борци за до 1 септември 1944 година да достигне бројка од 500 борци. Во своето 5 месечно делување не дал ниту една жртва. Од него и од новопристигнати борци на 2 септември 1944 година во с.Отиштино е формирана Осмата (македонска) велешка бригада. Нејзините дејствија се насочени кон целосно ослободување на Македонија од фашистичкиот агресор. Ноќта меѓу 8 и 9 ноември Бригадата пристигнала на територијата на Велес, во с.Горно Оризари. Во 4 часот наутро на 9-ти ноември ги запоседнала борбените позиции за напад и ослободување на Велес. Во попладневните часови градот бил ослободен.

9-ти ноември, Денот на ослободувањето на Велес денес е празник на Општината, ден кој секоја година се обележува со посебна пригодна програма, на која се доделуваат специјални награди и признанија на истакнати поединци, институции и асоцијации кои дале особен придонес во неговиот развој и афирмација.

Но уште еден момент од II светска војна кој иако не се случил на територијата на Велес, многу значаен за државноста на Република Македонија, ја одбележил и велешката историја. Тоа е Првото заседание на АСНОМ одржано на 2 август 1944 година во манастирот “Св.Прохор Пчињски”. Тогаш е прогласено и создавањето на македонската држава. Честа прв да го отвори ова многу значајно собрание за македонскиот народ му припаднала на велешанецот Панко Брашнаров. Неговите зборови:”Во овој момент, во ова историско место “Св. отец Прохор Пчињски” и на овој историски ден - Илинден, кога објавувам да е отворено Првото антифашистичко собрание на народното ослободување на Македонија, душата ми е преполна со радост ....... земја на нашите покојници, многубројни народни херои, паднали и посеали си мошти по цела Македонија .....жив сум сведител на два Илиндена 1903 и 1941 година ..... Денеска на вториот славен Илинден последен Илинден на неослободена Македонија, се ставаат темелите на македонската држава”. Панко Брашнаров е избран за прв потпретседател на Президиумот на АСНОМ, а заедно со Бане Андреев-Ронката за пратеник на АВНОЈ.

Покрај нив на I заседание на АСНОМ за негови членови се избрани Страхил Гигов, Благој Аџипанзов, Благој Левков, Мино Богданов, Маца Карбева и Стоилко Ивановски.